Нов автоматизиран систем за изнајмување велосипеди во Скопје

Сподели

Наместо изнајмување велосипед со лична карта на паркинзите на Ј.П. „Градски паркинг“, Скопје во иднина ќе добие автоматизиран систем за изнајмување на овие превозни средства на 30 локации низ градот. Градските власти планираат да воведат јавен систем за самоизнајмување 450 велосипеди, кои ќе бидат опремени со систем за позиционирање (ГПС).

Граѓаните што сакаат да изнајмат велосипед, во иднина ќе можат да го направат тоа со кредитна, дебитна картичка или СМС порака, со можност за надоградба за нови облици на плаќање на услугата.

– На корисниците ќе им биде на располагање апликација преку која ќе можат во реално време да проверат каде има слободни велосипеди за изнајмување и на која локација има слободни држачи за оставање на изнајмениот велосипед – велат за „Мета“ од Град Скопје.

Терминалите за самоизнајмување велосипеди во план е да содржат читачи за детектирање на картичките на корисниците, со можност за поврзување со други картички за паркинг услуга или јавен превоз. За набавка на велосипедите за изнајмување, терминалите и самата апликација за плаќање треба допрва да се распише тендер, а Градот Скопје ќе треба да одлучи дали овој систем и во иднина ќе му го додели на Ј.П. „Градски паркинг“.

Досегашниот систем „Изнајми велосипед“, со кој раководеше Ј.П. „Градски паркинг“ уште од 2010 година, нудеше можност за користење на ова превозно средство од неколку пунктови што се наоѓаа на пет градски паркинзи и катни гаражи во Скопје. Поради честите расипувања на велосипедите и неавтоматизираниот систем за изнајмување, јавните велосипеди во последниве години сè поретко се користат во главниот град.