ЦИВИЛ – Центар за слобода најостро го осудува говорот на омразата силно присутен во дел од предизборните кампањи и во јавната комуникација во изборен контекст. Уште еднаш, ЦИВИЛ ги повикува институциите, пред сѐ, Државната изборна комисија и обвинителството, како и медиумите и целата македонска јавност најостро да ги осудат и да ги отфрлат сите облици и изрази на говорот на омразата во јавните настапи поединци и групи во земјава. Организацијата потсетува дека патеката од говорот на омразата до кривични дела сторени од омраза е кратка и дека последиците се несогледливи.
Мониторингот на ЦИВИЛ утврди дека се употребува експлицитен говор на омраза на социјалните мрежи, дел од интернет порталите, како и за време на јавните настани што ги организираат политичките структури што ги поддржуваат и промовираат претседателските кандидати. Дел од претседателските кандидати се служат со прикриен, но неретко и отворен говор на омраза. Тоа најчесто се забележува во јавните настапи на кандидатката Гордана Силјановска Давкова и високите претставници на партијата што ја поддржува, ВМРО-ДПМНЕ.
И една од навивачките групи е директно вклучена во кампањата со експлицитен и екстремен говор на омраза. Се работи за навивачката група Комити која на денот на централниот промотивен настан на кандидатот Стево Пендаровски повикуваа на протест против промената на името. Истата група, своето присуство на фудбалското игралиште „Борис Трајковски“ во Скопје го искористија за неконтролирано дивеење на трибините, со експлицитен говор на омраза и повици на истребување на цела една етничка заедница. Самиот спортски настан го „зачинија“ и со физички напад врз еден од играчите на ривалскиот фудбалски тим. Единствената казна за овој срамен чин, како што се навестува, ќе биде парична, упатена на ФК Вардар чии фанови се Комитите.
На митингот на кандидатот Стево Пендаровски, поддржан од над триесет политички партии предводени од владејачката СДСМ, еден од присутните на митингот на кој организаторите му обезбедија микрофон, се закани со пиштол на Државната изборна комисија.
Иако маргинални, групите што се претставуваат под називите „Бојкотирам“ и „Христијанско братство“ се служат со жесток говор на омраза и во два случаја, нотирани од мониторингот на ЦИВИЛ, со отворени закани за ликвидација на премиерот Зоран Заев.
На јавниот настан на Демократската унија за интеграција, мониторингот на ЦИВИЛ нотира екстремно груб настап со говор на омраза на високиот функционер на оваа партија и пратеник во Собранието. На крајот од својот говор, Груби го употреби го името и презимето на Блерим Река, ставајќи го во контекст на дел од погребен ритуал, како последен поздрав до починатиот, а кој го преиначи за свои цели, и кој гласи: „Блерим, син на Хамза, не на Кастриот, туку на Река“ . Настапот на Груби наиде на смеење и очигледна поддршка од партискиот лидер Али Ахмети и на дел од останатите високи партиски функционери и присутните на настанот.
Безбројни се пораките и коментарите на социјалните мрежи кои содржат вулгарни, груби и радикални изрази кои претставуваат експлицитен говор на омраза што е забранет со закон.
Говорот на омразата не е слобода на говорот, туку негова спротивност. Кампањите се платени од буџетот на државата. Тоа се јавни пари што им припаѓаат на сите граѓанки и граѓани на Република Северна Македонија. Политичките и други субјекти што се вклучуваат во јавната комуникација немаат право на злоупотреба на социјалните мрежи, медиумите и јавниот простор за ширење на омразата и внесување страв и несигурност кај граѓанките и граѓаните.
Говорот на омразата мора да престане! Секој поединец и формална или неформална политичка или граѓанска групација што шири омраза и повикува на насилство, мора да биде земен на одговорност. Неказнивоста за говорот на омразата мора да престане!