Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница донесе одлука за поведување две прекршочни постапки против претседателот на државата Ѓорге Иванов за донесени укази за унапредување и поставување старешини во Армијата за време на изборниот период, објавени во Службен весник на 26.02.2019 година, што претставува непочитување на забраните утврдени на Изборниот законик и Законот за спречување корупција и судир на интереси.
Како што беше појаснето, претседателот Иванов со указ го унапредил во чин генерал-потполковник од генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, актуелен началник на Генералштабот. Констатирано е дека при унапредување на овој старешина во повисок чин не е постапено согласно одредбите од Законот за служба во Армијата, каде стои дека началникот на Армијата, односно МО спроведува постапка за унапредување и дава предлог до претседателот, што во случајот, како што е наведено во одговорот од МО до ДКСК, не е доставен. Според ДКСК, тоа упатува на сомневање дека Иванов ги пречекорил своите законски овластувања и донел одлука без претходно спроведување на законски утврдената процедура. Со донесување и извршување на указот, сметаат од ДКСК, на Ѓурчиновски ќе му се исплатува зголемена плата, дејствие што е забрането во изборен период.
Со указите од претседателот Иванов со кои се поставува бригадниот генерал Орце Јордев за заменик командант на ЗОК и полковник Драган Ковачки за командант на Првата механизирана пешадиска бригада и полковник Бесник Емини за началник на Штаб на ЗОК, донесени по денот на распишување на изборите, ќе им се исплатува зголемена плата, дејствие забрането во изборен период.
Со преземањето на овие дејствија претседателот Иванов сторил прекршување на одредбата од членот 8-а став 1 алинеја 2 за што и ДКСК донесе одлука за поведување прекршочна постапка.