Царовска: Работиме на ревидирање на Законот за безбедност и здравје при работа

Сподели

Министерството за труд и социјална политика, Националниот совет за безбедност и здравје при работа со поддршка на Канцеларијата на „Friedrich Ebert Stiftung“ – Скопје со доделувања на националната награда и признанија за придонес на компаниите денеска го одбележаа Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека она што е особено важно е дека Владата е цврсто решена и понатаму да се залага за унапредување на здравјето на работниците и безбедноста на работните места, и работи на превенција од несреќи и заболувањата поврзани со работата и работните места.

„Во текот на оваа година продолжуваат активностите за ревидирање и унапредување на постоечката законска рамка во областа на безбедноста и здравјето при работа, односно ревидирањето на Законот за безбедност и здравје при работа. Се надеваме дека со овие измени и унапредувања на законите одредби, пред сè ќе ја подобриме практичната имплементација на законот, кој е донесен пред повеќе од 10 години и во овој период се детектирани повеќе слабости и можности за негово подобрување. Истовремено со вклученост на сите засегнати страни подготвуваме и целосно нов Закон за работни односи со кој се унапредуваат работничките права и ќе биде усогласен со сите меѓународни конвенции“, изјави Царовска.

 

 

Во целиот овој процес се вклучени советодавното тело кое дава значаен придонес во изминатиот период, како во креирањето на стратешките и оперативни документи од областа, така и во следењето на состојбите во делот на БЗР, поттикнување на иницијативи, но и сите останати здруженија, организации на работодавачи, организации на работници, експерти и стручни лица од областа.

Претседателката на Националниот Совет за безбедност и здравје при работа проф. Јованка Каранџинска Бислимовска рече дека и претставува особена чест што годинава државата се приклучува кон меѓународната иницијатива за одбележување на 28 април Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.

„Годинешното мото за одбележување на Светскиот ден за БЗР е „Заедно за безбедна и здрава работа во иднина“, инспирирани од веќе отпочнатите глобални анализи, дискусии и дебати на тема „работата во иднина“. Кога дискутираме за тоа како ќе изгледа работата во иднина со сите промени кои ќе се случуваат и кои веќе се случуваат, неопходно е да мислиме и на аспектите кои задираат во безбедноста и здравјето при работа, и на тоа како политиките и системите за БЗР да ги унапредуваме и прилагодуваме за да можат и тие соодветно да одговорат на очекуваните предизвици“, рече Каранџинска Бислимовска.

Националната награда која што ја доделува Советот за безбедност и здравје при работа на компаниите со најдобра пракса во областа на БЗР за 2018 година ја добија ЕВН Македонија електрани ДООЕЛ, Џонсон Мети ДООЕЛ и ДС Смитх АД Скопје.