Денеска Асоцијацијата за заштита на печатените медиуми се приклучи на Мрежата за борба против говорот за омраза во медиумите, чиј иницијатор и координатор е Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).
Претседателката на Управниот одбор на СЕММ Катерина Синадиновска истакна дека во справувањето со говорот на омраза во медиумите особено е значајно да се продолжи со промоцијата на новинарските стандарди и соработката со сите институции кои се надлежни за санкционирање на оваа појава. Мрежата е отворена за соработка за сите граѓански организации, здруженија, институции и медиуми кои сакаат да придонесат во превенција на говорот на омраза во медиумите во нашата земја. „Залудни би биле сите напори на професионалната новинарска и медиумска заедница доколку нема одговор од институциите кои се надлежни говорот на омраза да го санкционираат. Оттука и значењето на нашата Мрежа за борба против говорот на омраза“, истакна Синадиновска. Според неа, доколку актерите што се приклучија или дополнително ќе се приклучат на Мрежата не учествуваат во справувањето со говорот на омраза, тоа ќе го отслика лицемерието на системот.
Лирим Дулови, претседател на Асоцијацијата за заштита на печатените медиуми и основач на дневниот весник Коха, нагласи дека целта на кампањата за борба против говор на омраза која ја води оваа Асоцијација е подигнување на свеста за штетните последици од користењето на таквиот говор, нагласувајќи дека е особено значајно да се бара одговорност и од институциите. „Се надеваме дека пораките кои ќе ги праќаме како печатени медиуми во рамки на оваа кампања ќе придонесат во превенција на говорот на омраза“, истакна Дулови.
Претседателот на Здружението на новинари Младен Чадиковски истакна дека говорот на омраза и повикувањето на насилство против новинарите е апсолутно неприфатливо и претставува директен напад врз слободата на говорот. „Смртните закани со кои новинарите често се соочуваат имаат за цел да ги вознемират новинарите и да се замолчи критиката во медиумите“, рече Чадиковски. Тој уште еднаш потсети дека одговорност на Владата и на институциите е да гарантира безбедна средина за работата на новинарите, а тоа може да се постигне единствено доколку соодветно се казнува говорот на омраза кон новинарите и со прекинување на неказнивоста на оние кои напаѓаат новинари.
Во формирање на Мрежата за борба против на омраза во медиумите учествуваа професионалните медиумски и новинарски здруженија, доносители на одлуки, државните и регулаторни тела надлежни за заштита на човековите права, организации од граѓанскиот сектор и други субјекти од сферата на медиумите. Мрежата официјално се формираше на 30 јануари годинава.