АА: Сиљановска и Пендаровски да се извинат на Албанците, а тие, пак, да гласаат по своја волја

Сподели

„Алијанса за Албанците“ оценува дека „вториот круг од претседателските избори се одвива без конкретна понуда за граѓаните, дека во фокусот на кампањата на двајцата кандидати не е Држава за сите, туку Држава и Власт на македонска партија или поединец, кој што, во минатото и сегашноста повеќе ги дискриминирал или вршел насилство врз Албанците“, и побара извинување од двајцата претседателски кандидати, Гордана Сиљановска – Давкова и Стево Пендаровски кон Албанците.

Како што било констатирано на вчерашниот состанок на Централното претседателство на партијата, гласачите што во првиот круг гласале за кандидатот поддржан од АА, треба да гласаат по своја волја.

„Рекламните спотови од двата кампуси на кандидатите се најдобар доказ за уставно-правната положба и нивото на почитување на елементарните човекови права, во конкретниот случај на Албанците во РСМ. Тие се најдобриот одговор на многуте “зошто?” поставувени од личности со сомнителен кредибилитет чија единствена цел беше да ги дискредитираат политичките дејствија на „Алијанса за Албанците“ и албанската опозиција, како и нивното застанување зад кандидатурата на професорот Блерим Река и неговиот концепт за Држава за сите и против моноетнизмот на државава. Овие спотови се дополнителен доказ за меѓународниот фактор, САД и ЕУ за тоа во кој степен е почитувањето на човековите права, дека монтираните политички процеси се уште се реалност и дека владеењето на правото сé уште е далеку кога станува збор за Албанците. Апелираме до двајцата кандидати да запрат со оваа валкана кампања на подобар или полош џелат и итно да престнат да ги емитуваат овие рекламни спотови. Наместо нивно емитување, јавно нека им се извинат на Албанците и да дадат гаранции дека тие никогаш нема да се повторат“ порача партијата на Зијадин Села.

„Алијанса за Албанците“ смета дека на изборите в недела, нејзините приврзаници треба „да го изразат својот суверенитет“, односно да гласаат по своја волја.

„Нашата поддршка беше за проф. Блерим Река. Цениме дека ја добивме поддршка на апсолутно мнозинство Албанци во РСМ. Вие почитувани граѓани сте нашиот суверен и наш партнер во градењето на достоинствен живот, затоа апелираме да го изразите својот суверенитет во недела“, порача партијата.

И Блерим Река, кој испадна во првиот круг на изборите, преку Фејсбук им се заблагодари на речиси 80.000 гласачи што го поддржаа и напиша дека нивно е правото да одлучат за кого ќе го дадат својот глас во вториот круг.