Четири години од настаните во Диво Насеље

Сподели

Денеска се навршуваат 4 години од вооружената пресметка во кумановската „Диво Насеље“, во која што животот го загубија 8 припадници на Министерството за внатрешни работи, кои посмртно беа одликувани со орден за храброст, додека четириесетина беа тешко повредени.

Во престрелките животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои претседателот Ѓорге Иванов посмртно ги одликува со „Медал за храброст“ за покажаната исклучителна храброст и самопрегор во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на земјава.

Во оружената престрелка беа убиени и 10 припадници на вооружената група. Како што тогаш информираше МВР, криминално-терористичката група броела четириесетина членови. Во борбите со полицијата биле убиени 10 членови на групата, а се предале 28.

За настаните во Диво Насеље во февруари 2016 година почна судска постапка, со која беа опфатени 29 лица кои се товарат за сторени дела „терористичка организација” и „тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. И по четири години, судскиот процес сè уште не е завршен.