Министерот за образование и наука Арбер Адеми денеска апелираше до родителите да ги вакцинираат децата по вчерашната одлука на Владата дека во прво одделение ќе бидат запишани само тие со потврда дека ги примиле задолжителните вакцини.
Адеми најави дека ќе се следи состојбата и ако има потреба покрај теренска вакцинација ќе се отворат и пунктови за вакцинирање во училиштата во интерес на јавното здравје.
„Се соочуваме со епидемија и во вакви околности навистина треба сериозен пристап од страна на сите институции. Апелирам до сите родители да ги вакцинираат нивните деца и со ваквиот пристап да помогнат и да придонесат за јавното здравје“, рече Адеми.
Адеми вели дека овој период нема да ги враќаат пријавите на невакцинираните, но до почетокот на учебната година да достават вакцинален картон. Во спротивно семејствата ќе се соочат со прекршочни пријави и за непочитување на законот за заштита од заразни болести како и за неодење во задолжително основно образование. Казните што ќе треба да ги платат се најмалку 1500 евра и за двата прекршоци.
Министерот за образование вели дека и Уставниот суд пред неколку години потврдил дека не е дискриминација доколку како услов за упис во училиште се бара потврда за задолжителните вакцини.