„Литературни искри“: Поетско Гран При за Димитар Арнаудов

Сподели

 

 

Денес во Гостивар се одржа шестиот по ред Меѓународен поетски фестивал „Литературни искри“.

На манифестацијата со свои стихови се претставија петнаесетина поети финалисти, а настанот беше заокружен со доделување на фестивалските награди.

 

 

Гран При годинава доби Димитар Арнаудов од Стојаково, Гевгелија. Првото место и припадна на Спасија Бежановска од Охрид, второто го освои Емељ Туна од Скопје, а беа доделени две трети места и тоа за Славица Гаџова Свидерска од Битола и Маја Нестороска од Радожда, Струга.

За најдобар странски автор на овогодинешниот фестивал беше прогласена поетесета Мањола Брахај од Косово. Словенецот Јернеј Кустерле пак, доби посебно признание за странски автор финалист. Наградата Најуспешна млада поетска искра, годинава ја понесе 17-годишната Емануела Ковачевска-Китановска од Скопје.

 

 

На наградените автори им беа доделени плакети и книги. Останатите поети кои влегоа во финалето, добија дипломи.

Пред присутните гости и публиката беше промовирана и заедничката збирка во која се застапени 46-тина поети, селектирани од жири комисијата.

„Со своето востановување Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ си постави благородна цел – да ги поттикне младите творци да излезат од сопствениот вдахновен свет и да ги споделат своите творби со луѓето. Зашто на сите на почетокот им треба мал поттик да се охрабрат да ги изнесат пред очите на јавноста своите мисли и чувства излеани на хартија. Тие се толку лични, толку интимни што не е секогаш лесно да се победи стравот од сопственото соголување пред другите. “, истакна Виолета Танчева-Златева, претседател на жири комисијата.

 

 

Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ е во организација на Здружението за култура Слово 21 од Гостивар, во чест на Денот на сесловенските просветители, Св.Кирил и Методиј.

МПФ Литературни искри годинава се реализираше со поддршка од Министерството за култура, Општина Гостивар и Центарот за култура АСНОМ.