Тимоние: Франција наскоро ќе го ратификува протоколот за НАТО

Сподели

 

Процедурата за ратификување на протоколот за влез на Северна Македонија во НАТО од страна на Франција е во тек и ќе заврши во најскоро време, најави денеска францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние.

– Тоа е процедура која е во тек. Францускиот парламент како што знаете е составен од два посебни елемента, Собранието и Сенатот. Ние сметаме дека процедурата би требало да се заврши затоа што не постои ниту една пречка тоа да не биде направено во најскоро време – појасни Тимоние.

Тој додаде дека Франција моментално се наоѓа во период на реформи, и како што посочи, „секогаш кога има реформи има и гужва“.

На прашањето дали Франција ќе го поддржи отворањето на преговорите со ЕУ, амбасадорот рече дека не може да прејудицира, но оти извештајот ќе се дискутира со симпатии и добронаклонетост.

– Како што знаете, неодамна имаше избори, значи земјата се наоѓа во период на големи дискусии, се дискутираат многу теми меѓу повеќе партнери и јас не би можел да прејудицирам во однос на одговорот на ова прашање, меѓутоа она што би можел да го потенцирам и кажам е тоа дека извештајот ќе биде дискутиран со симпатија и со добронаклонетост – додаде Тимоние по денешната Симулација на конференција на француски јазик во МНР.

МИА