Заев по повод Светиот месец Рамазан: Една држава, едно општество на различни вери

Сподели

 

По повод Светиот месец Рамазан, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев организираше ифтарска вечера на која присуствуваа Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, пратеници во Собранието, поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи, министри во Владата на РСМ, градоначалници од повеќе општини во нашата земја, ректори на државните универзитети, бизнисмени и претставници на стопанските комори како и претставници на граѓанските организации.

 

 

По ифтарската вечера, премиерот Заев имаше свое обраќање пред присутните соработници и пријатели кое Ви го пренесуваме во целост.

„Дозволете ми во мое име, и во име на Владата на Република Северна Македонија да ви посакам добредојде на оваа ифтарска вечера што ја приредуваме во чест на Светиот месец Рамазан.

 

 

Остана уште малку до крајот на постот на верниците од исламската вероисповед. Време на пост со кој се култивира и усовршува духовниот раст и подвиг, како и дисциплината кон телесните искушенија.

Тоа се сериозни, важни скалила што секој муслиман ревносно ги поминува додека е посветен на сопственото морално усовршување, а со тоа го дава и својот личен придонес кон етичкото воздигнување на својата заедница.

Кога се прави еден таков духовен подвиг, тоа не упатува и на фактот дека промените што сакаме да ги направиме почнуваат во срцето на секој верник одделно, а потоа со љубов се пренесуваат и во нашите заедници.

Ова е празнично време. Ова се денови кога семејствата се собираат, пријателите заедничарат за време на ифтар.

Затоа и вечерва сме заедно.

Исто така знам дека Рамазан е време на интензивна посветеност, саморефлексија и размислување. Време кога се извршуваат молитвите и се читаат сурите, поглавјата, кога се рецитираат ајетите, стиховите, од светата книга – Куранот.

Поглавјата и стиховите од Светата Книга Куранот, потсетуваат на принципите и на нашата должност за меѓусебно почитување, за залагање за правда, за напредок, толеранција и достоинство на сите луѓе.

За време на Светиот месец рамазан, се посветуваме на закрепнување на духот, на обновување на духовните сили и на волјата за да се усовршиме според божјите пораки.

На тоа ги учиме и децата.

Ова се денови кога се грижиме за болните, за духовно обесхрабрените, за нашите сограѓани и за сите луѓе во неволја. Им подаваме рака на сите. Без разлика на нивната верска припадност.

Подвигот за време на постот и наградата за посветеноста, го помагаат унапредувањето на нашите заеднички желби – да живееме во мир и спокојство и да ги отвориме срцата за радост во семејствата. Да шириме добрина меѓу соседите и да ги јакнеме пријателствата.

Со секој ифтар, за време на Рамазанскиот пост, да ја споменеме и да ѝ дадеме сила и на нашата заедница, Република Северна Македонија. Една држава, едно општество на различни вери, кои меѓу себе живеат сложно и ја продолжуваат традицијата што ни е оставена да ја чуваме и да ја негуваме.

Тоа е нашата цел. За нас, и за нашите деца. На тој пат сме сите заедно.

Нека е благословена оваа вечера и Светиот месец Рамазан, и нека ве придружува мирот и спокојството за време на светиот пост.“