Премиерот Заев по повод Рамазан Бајрам: Во духот на празникот да ја негуваме добрината и кон другиот

Сподели

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, по повод големиот муслимански празник Рамазан Бајрам, упати честитки до Исламската верска заедница и до Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи, и членовите на Ријасетот, како и до сите верници од исламската вероисповед во Република Северна Македонија.

„Ви го честитам големиот муслимански верски празник Рамазан Бајрам со празничниот поздрав: Бајрам Шериф Мубарек Олсун, односно: Нека биде благословен и честит празникот! Им посакувам на сите наши сограѓани, Муслимани, небесен сјај за време на празничните денови на Рамазан Бајрам, со желби светлината да ги стопли сите срца за да бидат пренесени пораките за мир, толеранција и слобода за сите верници на Исламот, како и за припадниците на сите останати верски заедници“, пишува во честитката премиерот Заев и нагласува дека им посакува на сите наши сограѓани Муслимани, среќата и радоста да се вселат во Вашите домови. Крајот на постот и дарбите што ги стекнавте за време на месецот на одрекувањето и воздржувањето, нека ве украсат со дух на солидарност и хуманост за да ги делите благодетите на празникот со вашите семејства, роднини, пријатели, соседи и намерници.

„Во духот на празникот Рамазан Бајрам да ја негуваме добрината и кон другиот, добрината кон различните како порака водилка и за сите нас граѓаните на Република Северна Македонија за да продолжиме заеднички да го зајакнуваме нашето заедничко општество како едно за сите. Да го усовршуваме овој наш дом во кој секој граѓанин има еднакви услови за живот, среќа и реализација на сопствените амбиции“, се вели во честитката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, до сите Муслимани во нашата држава по повод празничните денови на Рамазан Бајрам.