Воз од Белград и Ниш за Солун од 14. јуни

Сподели

 

„Србија воз“ од 14 јуни повторно го воведува во сообраќај експресниот воз од Белград за Скопје и Солун. Патниците ќе можат секојдневно да патуваат, со поаѓање од белградската железничка станица Топчидер во 18.35 часот и пристигнување во Солун во 9.33 часот. Во обратна насока, возот од Солун за Белград ќе поаѓа во 18.51 часот и ќе пристигнува во Белград во 8.14 часот. Возот ќе сообраќа до 16 септември, при што на релацијата Гевгелија – Солун – Гевгелија патниците од возот ќе бидат превезувани со автобус во организација на Грчките железници – ОСЕ.

Цената на повратна карта со воз меѓу Белград и Солун изнесува 57 евра, со вклучена резервација на седиште. Покрај патнички вагони, во возот „Хелас експрес“ секојдневно ќе сообраќа кушет вагон за спиење, чие користење чини 8 евра во еден правец на релацијата меѓу Белград и Солун. Меѓу Солун и Ниш, цената на повратен билет изнесува 35,5 евра. Возот од Ниш за Солун и Скопје поаѓа во 23.18 часот.

Српската метропола во летниот период ќе биде поврзана со воз и до Скопје, до каде ќе може да се патува со повратна карта од 27,60 евра. Возот од Скопје за Белград и Ниш ќе поаѓа во 22.19 часот. Во обратен правец, возот од Белград и Ниш ќе пристигнува во Скопје во 4.25 часот. Повратната карта меѓу Скопје и Ниш чини 13,7 евра.

meta.mk