Кристијан Фидановски
Единствениот начин легализаторскиот табор да допре до мнозинството граѓани е да ги убеди дека забраната на марихуаната не е само финансиски и логистички неисплатлива, туку и контрапродуктивна. За разлика од забраната, легализацијата на марихуаната значително ја намалува нејзината атрактивност, но и нејзиниот потенцијал за зависност и штетни ефекти.
Кај нас, политиките (policies) отсекогаш биле главно во сенка на политиката (politics). За среќа, овие две работи понекогаш одат заедно. Неодамнешниот скандал околу незаконската набавка на масло од канабис на сега веќе пратеникот во оставка, Павле Богоевски, нѐ натера да се запрашаме како општество: дали Богоевски навистина направил грешка? И доколку законот вели дека направил, дали тој треба да се промени? Како и многупати претходно, скандалот на еден политичар со денови непотребно го окупираше јавниот дискурс. Разликата е што овојпат може да се случи среќа во несреќа, па политиката – сосема случајно – да поттикне дебата за политики.
За најголемиот дел од граѓаните, потенцијалната легализација на марихуаната е неважна политика. Сепак, со оглед на тоа што веќе се најавува предлог-закон за спроведување на ваквата политика, претстојната јавна дебата ќе биде еден интересен показател за аргументативните способности на двете најголеми политички опции. Исходот од таа дебата најверојатно ќе биде неважен: владејачките пратеници (ако така наумиле) ќе си изгласаат „за“, дури и ако мнозинството граѓани во нашето конзервативно општество останат „против“. Меѓутоа, нештата стануваат многу поинтересни ако се согласиме дека легализацијата на марихуаната е споредно општествено прашање, па токму затоа ја искористиме како еден пробен тест за нашите политички елити.
За да го положи тој тест, владејачката коалиција ќе треба да докаже дека е способна да изгради една сеопфатна прогресивна аргументација за една од најтипичните прогресивни каузи во светот. Со други зборови, ќе треба да отиде подалеку од мрзливата „слободарска“ логика дека е природно влада која се залага за неограничени слободи да ја промовира и слободата да се испуши еден џоинт без да се сносат последици. Опозицијата, пак, ќе треба да објасни зошто би била лоша легализацијата на марихуаната за лична употреба, а не зошто е лоша самата марихуана. Заплашувањата за негативните ефекти од користењето наркотични средства комплетно ја промашуваат темата. Белки веќе знаевме дека дрогите се штетни (иако некои повеќе, а некои многу помалку) – прашањето е што би се променило при нивна легализација?
Легализација на марихуаната иако е штетна, или легализација на марихуаната бидејќи е штетна?
Во дебатата за легализација на марихуаната, „слободарската“ логика образложена погоре ги тера оние кои се про-легализација да се служат со аргументи кои всушност немаат врска со марихуаната. Досега, аргументацијата за легализација на марихуаната најчесто се врти околу стриктно вредносната оценка дека е „греота“ да се оди во затвор поради пушење џоинт. Честопати можат да се слушнат и уште два аргументи. Прво, легализацијата би требало да ја подобри работата на полицијата, бидејќи полицајците кои досега „ловеле“ (или барем требало да ловат) корисници на марихуана ќе можат да го пренасочат вниманието кон посериозни кривични дела. Второ, легализацијата на веќе постоечката употреба на марихуана – никој не верува дека забраната значи дека никој не ја конзумира – ќе ѝ донесе на државата (а со тоа и на сите нас) редовни даноци како секој друг производ на пазарот.
Секој од овие три аргументи е сосема валиден, а сепак ниту еден од нив нема големи шанси да разубеди некој кој е против легализација. Не затоа што овие аргументи се премногу сложени за анти-легализацискиот табор, туку од проста причина што ниту еден од нив не го опфаќа неспорниот факт дека марихуаната – без оглед на тоа дали е легална или не – е штетна. Аргументи кои апелираат кон хуманост (да не се дозволи тинејџер што еднаш пробал џоинт да лежи затвор), или пак такви кои се фокусираат на индиректни последици како намалување на работниот обем на полицијата или зголемување на даночните приходи, лесно можат да зазвучат како мачкање очи од страна на легализаторите. Впечатокот кој го добиваат послабо информираните граѓани е дека некои млади хипици всушност измислуваат аргументи („од кај па сега им текна oва со полицајциве и даноциве“) само за да си го задоволат својот наивен хедонизам.
Единствениот начин легализаторскиот табор да допре до мнозинството граѓани е да ги убеди дека криминализацијата на марихуаната не е само неморална или финансиски и логистички неисплатлива, туку и контрапродуктивна. Со други зборови, неопходно е да се согледа дека легализацијата и криминализацијата на марихуаната се спротивни политики кои всушност имаат иста цел: намалување на нејзината употреба. На прв поглед, ваквиот потег не би бил логичен, а уште помалку популарен. Белки за да се бориш против нешто треба да го забраниш, а не да го дозволиш? И белки легализаторите на марихуаната би се надевале на политички поени кај оние кои таа марихуана ќе ја конзумираат, а не кај оние кои нема да ја конзумираат? Иако на прв поглед делува нелогично, ваквиот пристап е единствен начин да се обезбеди мнозинска поддршка од граѓаните за легализација на марихуаната, а воедно е и единствениот правилен пристап за влада која става приоритет на јавното здравје, а не на пумпање рејтинг кај урбаната младина.
Марихуаната не е кокаин, но сепак е штетна
Секако, да се признае дека марихуаната е штетна не значи да се прифати демонизацијата на оваа дрога во конзервативните кругови. Марихуаната е далеку помалку штетна од алкохолот, како и од повеќето други дроги, иако постојат студии кои ја поврзуваат нејзината употреба со појава на психоза и зголемена веројатност од насилно однесување. Меѓутоа, овие случаи се секогаш ендогени: тешко е да се докаже дали девијантните појави биле предизвикани од употребата на марихуана, или пак сепак настанале поради веќе нарушена ментална состојба, која бездруго ќе резултирала со девијантно однесување дури и во отсуство на употреба на марихуана. Меѓутоа, дури и најоптимистички да се претпостави дека марихуаната не претставувала влошувачки фактор при ниту еден од овие негативни долгорочни исходи, останува фактот дека секоја нејзина интензивна употреба има силни краткорочни ефекти. Дури и најтврдокорниот поборник за нејзина легализација не би сакал, на пример, да биде возен од личност под интензивно дејство. Дополнително, овие краткорочни ефекти најчесто не оставаат трајни здравствени ефекти врз конзументот, но бездруго влијаат негативно врз неговата продуктивност на работното место. Оттука, колку и да е манипулативно кога конзервативните политичари ја сместуваат марихуаната во ист кош со сите останати наркотични средства, останува фактот дека сите дроги – без оглед на различниот степен на опасност – се барем во одредена мера штетни.
Легализација = помала употреба + помалку зависност + помалку штетни ефекти
Ваквиот заклучок ја става борбата за легализација на марихуаната во сосема нова перспектива. Задачата на прогресивниот активист не е да докаже дека марихуаната не е штетна, туку да објасни зошто легализацијата на една штетна супстанца – без оглед дали е тоа марихуана, ЛСД, па дури и хероин – е подобар механизам за справување со неа отколку нејзината криминализација. Декриминализацијата на марихуаната во 2001 во Португалија – земјата која се смета за еден од пионерите на ваквата политика – дефинитивно не била мотивирана од желбата да им се овозможи на португалските тинејџери да пушат џоинт на раат. Напротив, Португалија се одлучила да ги декриминализира сите дроги (за лична употреба) како мерка за справување со тогашната национална пандемија на зависност. Значи, марихуаната не била декриминализирана бидејќи била одвоена од останатите видови наркотични средства, туку токму поради тоа што била групирана со нив. Безмалку две децении подоцна, Португалија бележи една од најниските стапки на зависност во Европа. Постојат три причини – познати како „AAA” – зошто португалската приказна е успешна.
Првото „А“ (attractiveness) се однесува на ефектот на декриминализацијата на марихуаната врз нејзината атрактивност. Овој ефект е всушност варијација на библискиот феномен на „забрането овошје“, или идејата дека едно исто нешто ни делува поатрактивно кога е забрането отколку кога е дозволено. Наместо да ги привлече оние кои дотогаш се плашеле од законски последици, легализацијата на марихуаната всушност може и да го одврати од нејзина употреба секој тинејџер кој дотогаш чувствувал притисок да посегне по неа како еден вид симбол на бунтовништво токму поради тоа што таа била забранета.
Второто „А“ (addiction) подразбира дека од оние луѓе кои и натаму ќе бидат привлечени од марихуаната, помал број ќе станат зависни. Секако, ова второ „А“ се однесува повеќе на тешките дроги кои создаваат физичка зависност, додека кај марихуаната е посоодветно да се зборува за нејзина „редовна употреба“. Сепак, логиката останува иста: легализирана марихуана значи слобода да зборуваме отворено за нејзината употреба со луѓето околу нас, што пак ги зголемува шансите дека побрзо ќе ги осознаеме знаците на евентуална пречеста употреба со цел потоа истата да ја редуцираме.
На крајот, третото „А“ (adverse effects) е од најголемо значење. Марихуаната достапна денес e во просек околу трипати посилна од марихуаната кој била во употреба пред само две децении. Легализирана марихуана значи нејзино транспарентно производство од страна на прецизно одредени овластени компании кои би морале да гарантираат дека ќе ја контролираат силината на произведената марихуана. Односно, државата би можела да постави лимит врз дозволениот интензитет на производот и да им ја одземе лиценцата на оние компании кои нема да се придржуваат до него.
Поради овие три причини, легализацијата на марихуаната би резултирала со нејзина помала употреба, а не поголема. Дури и Португалија, која конзервативците ја демонизираат како рај за дрогата, всушност и ден денес се труди да ја обесхрабри употребата на марихуана. Впрочем, Португалија ја нема легализирано марихуаната, туку ја има декриминализирано: конзумацијата не се казнува со затвор, но останува нелегална. Наместо тоа, корисникот се предава на комисија составена од психијатар, социјален работник и правник, чија главна задача не е да го казнат, туку да го разубедат од понатамошна употреба. Со оглед на нашите ограничени ресурси, но и искуство со вакви авангардни јавни политики, за нас ова сепак би било нереално решение и веројатно би морало да се оди со целосна легализација. Меѓутоа, дури и во случај на целосна легализација, повторно би дошло до посакуваното намалување на сите три горенаведени „А“ (иако ефектот врз првите две „А“ – „attractiveness“ и „addiction“ – би бил помал отколку преку португалскиот модел.
Прогресивност значи справување со проблемите, наместо нивно забранување
Но зошто воопшто посветуваме толку внимание на ова прашање во држава со многу покрупни проблеми? Одговорот лежи во атрактивноста на темата, но и во можноста која таа ја нуди за едно целисходно поимање на прогресивноста. Секоја идеологија се стреми да ја објасни човековата природа: прогресивната вели дека луѓето не може да се „дисциплинираат“, туку мора да се менаџираат, односно дека забраните се бегање од проблемот. Прашањето не е дали марихуаната може целосно да се искорени (секако дека не може), ниту пак дали треба да се бориме против неа (секако дека треба). Прашањето е што можеме да направиме откако ќе прифатиме дека секогаш ќе има некој што ќе ја конзумира, исто како што секогаш ќе има, да речеме, некој што ќе се проституира. Забранувањето на она што не ни се допаѓа доведува до ситуација на двојно преправање – престапниците се преправаат дека не прават никаков престап, а системот се преправа дека нема престапници. Наместо да им овозможи на зависниците да побараат помош, или да им дозволи на сексуалните работнички да пријават евентуален напад (без да се плашат дека и самите ќе завршат во затвор), системот и во двата случаи едноставно замижува пред проблематичното статус кво.
Кога ќе согледаме дека легализацијата на марихуаната – или на која било друга дрога – ни овозможува да се бориме со проблемот, наместо да се залажуваме дека магично ќе го снема ако го забраниме, дури тогаш ќе станеме вистински прогресивци кои се залагаат за слободата на секоја индивидуа да западне во неволја и потоа да се избави од неа. Легализацијата на марихуаната би била знак дека навистина сме подготвени да градиме прогресивно општество. Бидејќи легализација не значи побрз пат кон „џоинт“, туку еден современ начин на борба со пороците.