Поздравни обраќања во швајцарскиот парламент во чест на делегацијата на собранието на СРМакедонија

Сподели

 

За време на дводневната официјална посета на Швајцарската конфедерација од страна на собраниска делегација предводена од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, во чест на претседателот Џафери и на делегацијата, претседателите на Националниот и Државниот совет, одржаа поздравни обраќања во рамки на пленарна седница на швајцарскиот парламент.

 

 

Претседателите на двата дома на швајцарскиот парламент, г-ѓа Марина Каробио Гускети и г. Жан Рене Фурниер, во своите обраќања нагласија дека Република Северна Македонија е приоритет во меѓународната соработка на Швајцарија. Двете земји негуваат добри билатерални односи, особено поради многубројната дијаспора во Швајцарската конфедерација, која што е целосно интегрирана и значително придонесува во швајцарското општество. Во оваа прилика, претседателите на Националниот и Државниот совет, го поздравија историскиот чекор на Република Северна Македонија, а тоа е потпишувањето на Договорот од Преспа, договор кој ги отвори вратите на евроатланската интеграција за земјата. Обраќањата на двајцата претседатели беа проследени со громогласен аплауз од страна на швајцарските народни избраници, што ја потврдува силната поддршка на Швајцарија за Република Северна Македонија.

 

 

Веднаш по обраќањата, Делегацијата оствари и билатерална средба со Претседателот на државниот Совет, г. Жан Рене Фурниер на која што Претседателот на Горниот дом повторно упати честитки за постигнувањето на Договорот со Грција и изрази надеж дека оваа историска придобивка ќе биде уважена од страна на ЕУ и дека на Република Северна Македонија ќе и биде даден датум за преговори во јуни оваа година. Според него, отворањето преговори во јуни 2019 година ќе испрати јасна и позитивна порака до сите земји пристапнички од Западен Балкан. Изразувајќи задоволство што официјалната посета се случува во годината кога двете држави прославуваат 25 години од дипломатските односи, г. Фурниер се заложи за интензивирање на економската соработка.

Претседателот Џафери ги оцени политичките односи меѓу двете држави како пријателски и се заблагодари на континуираната поддршка што Швајцарската Конфедерација и ја дава на Република Северна Македонија во процесот на европските интеграции во време кога и Унијата се соочува со многу предизвици, иако Швајцарката конфедерација не е дел од ЕУ и НАТО. Тој информираше и за одржувањето на изборите за претседател на државата, на кои граѓаните во мирна и демократска атмосфера имаа можност слободно да ја изразат својата волја.

 

 

Претседателот Џафери на крајот искажа силна верба дека Република Северна Македонија до крајот на годинава ќе има заокружен процес на ратификување на Протоколите за пристапување во НАТО а во однос на ЕУ, успешен преговарачки процес за пристапување, убеден во позитивна Одлука на Советот на Европската Унија за отворање на патот за отпочнување преговори во јуни 2019 година, што би било силна мотивација за спроведување на итните реформски приоритети и за имплементација на договорот со Грција.

Двајцата соговорници изразија спремност за понатамошно продолжување на интензивната билатерална соработка на сите нивоа.