Спасовски: Зајакнување на механизмите за финансиски истраги

Сподели

 

„Одлучна и неселективна борба против организираниот криминал и корупцијата е приоритет на секоја држава која е определена кон воспоставување на демократија, владеење на правото и правна држава. Тоа е и наш стратешки приоритет, при што фокусот на нашите активности е насочен кон превенција, спречување и борба со сите облици на организиран криминал, согласно највисоките стандарди на полициското работење. Во овој сегмент видливи се и конкретни резултати од нашата заложба. Меѓутоа, нашето искуство не уверува дека во остварување на оваа цел не е доволно само ефикасно откривање и гонење на сторителите туку е потребно и ефикасно одземање на криминалните приноси, со што на сторителите на криминалот ќе им се оневозможи натамошно проширување на криминалната активност“, рече меѓу другото министерот Оливер Спасовски во обраќањето на Петтата сесија на Работната група IV – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) на тема „Следејќи го патот на парите: Зајакнување на механизмите за финансиски истраги“ во организација на Националната конвенција за Европската унија во Република Северна Македонија што денеска се одржа во Универзитетот на југоисточна Европа во Тетово.

 

 

Неспорно е, рече Спасовски, дека остварувањето на профит е најчест мотив, и главна движечка сила на криминалците во инволвирањето на организираниот криминал. Затоа, финансиската истрага која има за цел да го утврди, привремено да го замрзне, а потоа и да го конфискува приходот од казненото дело, мора да биде дел од секоја стратегија за борба против организираниот криминал, перење пари, корупција и други тешки казнени дела. Истовремено, со одземањето на имотната корист се остварува определбата  дека никој не може да ја задржи користа од извршеното кривично дело.

„Министерството за внатрешни работи во изминатите години ја препозна потребата од водење на финансиските истраги паралелно со истрагите за организиран криминал и следствено на тоа потребата од градење на ефикасен систем кој ќе обезбеди конкретни резултати. Во Министерството за внатрешни работи, поточно во рамките на Одделот за криминалистичка полиција и во Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција веќе постојат организациони единици во чија надлежност меѓу другата работа се и финансиските истраги. Меѓутоа, извршената анализа укажа дека за поефикасно извршување на работните активности, неопходно е да се изврши одвојување на проблематиките и формирање  на посебни, специјализирани организациони единици, кои би биле надлежни единствено за водење на финансиски истраги. Потребата за специјализирање произлегува од обемот на предмети за кои е потребно да се спроведе финансиска истрага. Освен тоа, свесни сме дека финансиската истрага претставува сложена активност, поради што е потребно полициските службеници кои работат на финансиски истраги да бидат со соодветни стручни познавања и компетенција“, рече Спасовски.

 

 

Во овој период во Одделот за сузбивање на сериозен и организиран криминал се водат  финансиски истраги во криминалистички истражувања од областа на недозволена трговија со дрога, криумчарење на мигранти и криминал со културни добра.

„Би сакал да го истакнам случајот со криумчарење на мигранти, кој беше спроведен од страна на Националната единица за сузбивање на трговија со луѓе и криумчарење на мигранти, во кој како резултат на нашите активности беа притворени девет лица како организатори и членови на организирана криминална група која криумчарела мигранти од Македонија и Албанија кон САД и Канада. Во овој случај паралелно беше спроведена и финансиска истрага, која резултираше со замрзнување на 24 банкарски сметки на три правни лица и 53 банкарски сметки на четири физички лица“, рече Спасовски.

Пред да започнеме со креирањето на стратешкиот пристап за водење на финансиските истраги, рече Спасовски, спроведовме анализа на состојбата, ги детектиравме нашите недостатоци, но ги утврдивме и целите кои сакаме да ги постигнеме, а тоа се: развивање на мултидисциплинарен пристап во водењето на финансиски истраги, односно дефинирање на мерки кои ќе обезбедат јакнење на капацитетите на Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Царинска управа и Финансова полиција за водење на финансиски истраги, како и јакнење на нивната меѓусебна координација. Понатаму, обезбедување на проактивен пристап за водење на финансиски истраги, односно водење на финансиски истраги паралелно со истрагата за организиран криминал и воедно започнување на финансиската истрага од самиот почеток на кривичната истрага. Наведените цели се успешно импплементирани во Стратегијата за зајакнување на националните капацитети за водење финансиски истраги и конфискација на имот, со Акционен План, која беше усвоена од страна на Владата на РСМ во февруари 2018 година.

 

 

„Мило ми е што можам да споделам со вас дека веќе започнавме со имплементација на активностите утврдени со наведената стратегија. Како прв приоритет на кој во овој период сме посветени е создавањето на ефикасни органи за водење на финансиски истраги. Во таа  насока, Министерството за внатрешни работи, Царинската Управа и Финансовата Полиција веќе ги изменија своите акти за систематизација на работните места и предвидоа создавање на посебни, специјализирани единици за водење на финансиските истраги. Од аспект на Министерството за внатрешни работи, би сакал да истакнам дека во изминатиот период ги изменивме нашите акти за систематизација и организација на работните места и предвидовме формирање на посебна единица за водење на финансиски истраги во Одделот за сузбивање на сериозен и организиран криминал“, рече Спасовски.