Со препознатливиот здравствен рефрен на многу политички демисии, деновиве очекувано замина и четвртиот мускетар од груевистичката партиска гарда, галантниот финансиер на барокната циркусијада и на горчливите чоколадни обланди, со кои цели десет години ја засладуваше бедата на својот запустен народ, оставајќи му во наследство преполни пантерски сефови со неисплатени борчови за многу негови идни поколенија. Лесен и штедар во трошењето на туѓи (народни) пари, а безмислосно шкрт во пластењето на фамилијарното криминално азно, довчерашниот министер и заменик премиер Зоран Ставревски, ќе остане запаметен како врвен експерт кој што успеа македонската економија и во најтешката меѓународна финансиска криза да ја преобрази во субратовски рај. Трагите на неговите фалбаџиски проекти можат со голо око да се видат на секој чекор во преродбената земја: недобројни отпадни контејнери за прехрана на несреќниот народ, полумилионски егзодус на младешката бесперспективност, недогледни колони од скелети на некогашни стечајни трудбеници и уште позначајно, неограничени залихи на марихуанска опојка за античките наследници на великиот Александар, во нивниот поход кон освојувањето на новата македонска антиисторија.
Како, и дали можеме соодветно да им се оддолжиме за кукавичкиот чин од толку извршени недела, тивко да се повлечат и притајат во своите партиски дувла, свесни дека обвинителската истрага на Катица Јанева можеби веќе утре ќе им ја испорача сметката за нивното злосторничко здружување? Со остра осуда, нескриена омраза или јавна анатема, со забрана никогаш повеќе да не излезат пред очите на народот со кој што така дрско манипулираа, принудувајќи го на молк и слепа покорност? И дали сето тоа ќе биде вистинската казна за длабоките рани што бездушно му ги нанесоа на младото демократско општество?
Колку и да биде голем нашиот насобран гнев и револт, во моментите додека ги гледаме како еден по еден, налик на гнили круши паѓаат од распуканото стебло на самовластието и се обидуваат својот пораз плачливо да го оправдат со некакви “грандиозни национални остварувања”, мислам дека нема човек во државата кој што не ќе почувствува сожалување, тага и срам од нивното понизно преколнување за разбирање и опрост на нивните многубројни гревови. Со матен и тап поглед во очите, истоштени од долги несоници и бладања, конфузни во мислата и пелтечејќи во говорот, проштално дефилираат пред поткупените мегафонски труби, уверувајќи ги своите преплашени следбеници, дека нивното повлекување од власта е само привремен и тактички чин, но дека по решавањето на увезената странска и соросоидна политичка криза, тие повторно ќе се вратат на капетанското кормило на “Титаник” и државата ќе ја поведат кон нови преродбенски авантури.
Ако внимателно се следат собитијата на македонската политичка сцена, станува се` поочигледно дека последната тврдина на која што се уште може да се потпре расклатениот режим се мнозинските гласови во Парламентот, каде што со помош на албанските тендерски сојузници противуставно се изгласуваат закони со кои што вештачки се одржува во живот нелегитимниот режим. Поради тоа и таква негова жилава борба на живот и смрт, главната клаузула од Пржинскиот договор за обезбедување на чесни и демократски избори, да не се исполни или поточно да не се интервенира во изборната регулатива која до сега му овозможуваше најразлични криминални фалсификати. Неспорно е дека без црните пластични вреќи на бившиот министер Миле Јанакиевски, еден од најблиските соработници на Груевски, овоj режим одамна ќе беше неславно и болно минато.
Во секој случај, сведоци сме на постапната демонтажа на еден тоталитаристички и криминоген систем, во кој главните креатори и реализатори се исфрлени од валканата политичка игра, и само прашање е на денот, кога целиот тој систем ќе се урниса до темел.