Официјална посета на Република Словенија, средба на претседателите Пендаровски и Пахор

Сподели

 

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Љубљана ја започна дводневната официјална посета на Република Словенија.

 

Претседателот Пендаровски беше примен со високи државни и воени почести од Претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, по што двајцата претседатели одржаа тет-а-тет средба, на која ги потврдија традиционално блиските односи и високиот степен на разбирање и доверба меѓу двете држави. На средбата беше истакната поддршката од Словенија во процесите на нашата интеграција во НАТО и во Европската унија.

На прес конференцијата, претседателот Пендаровски во својата изјава заблагодарувајќи се за словенечката поддршка, рече дека оваа година нашата држава го доби, досега најдобриот Извештај за напредокот од страна на Европската комисија.

 

 

„Северна Македонија, од држава во којашто случувањата, само, до пред две години предизвикуваа загриженост кај нашите сојузници, денеска, од страна и на Европската унија и на НАТО, се истакнува како модел за успешна трансформација за сите држави во нашиот регион“, изјави претседателот Пендаровски.

 „Искрено се надевам, дека Европскиот совет, како што беше најавено, на почетокот на есента ќе донесе одлука за почеток на преговорите за пристапување. Истото го посакувам и за нашиот сосед Република Албанија“, рече претседателот Пендаровски.

 


 

Одговарајќи на новинарско прашање, а запрашан дали очекува некакви тешкотии со новата грчка Влада во врска со Преспанскиот договор, претседателот Пендаровски рече дека јавно декларираните заложби на новата грчка Влада се дека ќе го почитуваат Преспанскиот договор и дека притоа ќе се залагаат за постриктна или поригидна негова имплементација.

 „И ние ќе инсистираме на стриктна имплементација на Преспанскиот договор бидејќи во тој договор има обврски кои треба да ги почитуваат и двете страни. Можам да ви кажам дека најголемиот дел и најтешките обврски од наш аспект се веќе имплементирани. Остануваат од наш аспект, обврски кои се полесни за имплементирање и пред се, тука мислам на Комисијата која треба да го реши прашањето за трговските марки и знаците кои ќе бидат на производите што треба да бидат експортирани на териториите на двете држави. Значи не очекуваме дополнителни проблеми во рамки на коректните дипломатски односи кои имаме намера да ги одржуваме и со новата Влада на Република Грција, да продолжиме да соработуваме, како и досега. Од наш најголем опонент на евроатлантскиот пат, Република Грција денес е нашиот најстабилен сојузник и најголемиот поддржувач. Очекуваме така и да остане, сосема небитно е што имаат нова Влада во Атина, затоашто принципите на кои е поставен Преспанскиот договор се, по наше длабоко уверување коректни, балансирани и се во интерес на двата народа и на двете држави, изјави Претседателот.

 

Запрашан за коментар за евентуална корекција на границите, претседателот Пендаровски одговори:

„Мислам дека такви идеи не треба воопшто да бидат на маса во 21 век. Ние не смееме, заради безбедноста на сите нас во овој регион и заради евентуални проблеми кои т.н. Стара Европа може да ги има, не смееме да размислуваме за враќање во раните 90-ти кога разговаравме за тие т.н.тврди безбедносни прашања: територија, граници, разграничувања итн. Јас лично сум убеден дека границите треба да останат таму кадешто се и секоја друга варијанта на репреговарање и промена на границите, недај Боже размена на луѓе и територии, ќе придонесат за домино ефект и тука сигурно неколку држави во регионот ќе бидат прва колатерална штета. Тука мислам пред сé на мојата држава за која морам да водам сметка. Затоа на сите мои средби каде што одам, откако сум избран за Претседател, им кажувам дека ние не смееме принципите кои досега важеа при етаблирање на новите држави да ги менуваме затоа што тоа ќе предизвика сигурно, многу брзо, нова спирала на вооружени конфликти и мислам дека тоа никому не му е во интерес. Не само на народите кои живеат на Западниот Балкан, туку и во Европа“, рече Претседателот Пендаровски.

 

На прашањето, што очекува од новата Европска комисија и дали се плаши од понатамошно продолжување на постапките во однос на ширењето на Европската унија, односно да не добиеме датум наесен, претседателот Пендаровски одговори:

 

„Прво морам да бидам искрен и да кажам дека сите ние во Северна Македонија сме разочарани што Европската унија не го испорача тоа што го вети на минатогодишниот софиски Самит, кога децидно беше договорено во јуни да добиеме датум веднаш по европските избори. Јас се надевам, такви гаранции добивме од нашите силни поддржувачи и пријатели од Брисел, дека овојпат навистина станува збор само за техничко одложување на процесот, дека нема никакви дополнителни политички процедури или предуслови за почнување на тие преговори, и дека навистина одлуката ќе помине во германскиот Бундестаг во септември, а Европската унија ќе ја донесе својата одлука во октомври, со прецизирање на датум за преговори. Ние се надеваме, а како што е договорено, дека најдоцна до септември ќе имаме и нови функционални европски институции, кои ќе можат да ја донесат таа одлука. Европската унија, се разбира и од сите останати и од оние кои минатата година имаа извесни резерви за нашето почнување со преговори, значи буквално од сите тие држави кои на минатогодишниот самит искажаа некакви резерви, дека овој пат Република Северна Македонија навистина испорача сé што беше од неа побарано и објективно, тој факт се цени во Брисел генерално од сите земји членки дека ние сме држава која во релативно кус временски период, за само 2 години, од заробена држава, според дефиницијата на Европската Комисија, од нејзиниот извештај во 2017 година, дојде до држава која е на прагот на членство во НАТО и на прагот да отвори преговори со Европската унија. Такво брзо враќање во нормала не е забележано во понова Европа и тоа, ви велам, се почитува од сите наши пријатели во Брисел“, изјави Претседателот, кој посочи дека проектот наречен Европска унија и НАТО е поддржан од сите етнички заедници и е најсилниот кохезивен фактор на општеството, а тој како одговорен политичар мора тоа да го следи.

Алтернативи, рече Претседателот, постојат во регионални организации или во Далечниот Исток, во Евроазија, меѓутоа ние немаме што да бараме таму.

 „Од Европската унија и од НАТО добиваме демократски вредности. Ние не бараме да бидеме членка на Европската унија за да добиеме кеш пари, ние бараме да го организираме, да научиме како да го организираме нашето општество на принципи кои нив ги има направено успешни држави. Тоа ни треба, значи ова е еден вид на школа за демократија во која се поминува еден подолг временски период и на крајот се исплати. Подобра алтернатива нема од целосна интеграција во Европската унија и НАТО, рече претседателот Пендаровски.

 Претседателот Пахор во својата изјава рече дека на средбата посветиле внимание пред се на едно прашање, кое одлучува за иднината на Северна Македонија и за Балканот, а тоа е одлуката на Европскиот Совет за зелено светло за почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската унија.

 

 

„Северна Македонија направи извонредни, неверојатни, навистина мошне тешки чекори, да ги исполни високите очекувања на Грција и на меѓународната заедница, за да може да продолжи по патот на евроатлантските интеграции. Во однос на НАТО, добро напредува, од 29 држави, 21 веќе го имаат ратификувано Протоколот за членство, а за Европската унија се чека. Беше ветено дека Северна Македонија во случај на потпис и ратификација на Преспанскиот договор, во месец јуни оваа година ќе добие зелено светло за почеток на преговори, но тоа не се случи. Словенија би сакала, како и во разговорите со македонските пријатели, како и во разговорите со нашите пријатели во Европската унија, во европското семејство, да каже дека тоа не е во ред, не е добро и дека следниот Самит на лидерите на Европската унија е можност оваа грешка да се поправи, изјави словенечкиот претседател Пахор.

 Претседателот Пахор рече дека сега во прашање е веродостојната на Европската унија и нејзината, пред се принципиелност.

 „Северна Македонија може да се потпре на Словенија, дека за преговорите во Европската унија ќе направи се за да може да ја убеди Европа за да почне со преговорите, како заради мирот и безбедноста на Западниот Балкан, така и заради ветувањата кои беа дадени на македонскиот народ, како и заради перспективите на Европската унија во малку поширока временска рамка“, посочи претседателот Пахор.

Запрашан за можни алтернативи во однос на проширувањето на ЕУ, претседателот Пахор рече дека ставот на Претседателот Пендаровски за ова прашање добро го разбира и го поддржува.

„Ако ја погледнете картата на светот, Западниот Балкан е опколен со држави од Европската унија и еден природен пат за ширењето е проширувањето кон Западниот Балкан. Јас немам некоја друга перспектива за овие држави и она што би сакал да го кажам, е како што им велам на европските пријатели и колеги, дека одложувањето на стратегијата би можела да ја врати нестабилноста на Западниот Балкан, изјави претседателот Пахор.

Вечерва во Љубљана, претседателот Пендаровски ќе одржи предавање на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) на тема „Иднината на Северна Македонија – Како да се забрза интеграцијата во ЕУ“.

 Утре, 16 јули 2019 година, претседателот Пендаровски ќе оствари средби со Претседателот на Државното собрание на Република Словенија, Дејан Жидан и со Претседателот на Владата на Република Словенија, Марјан Шарец.