СЈО добива нов назив – „Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција“

Сподели

 

Премиерот Заев денеска одржа прес-конференција на која говореше за причините поради кои не се одржа најавената лидерска средба и информираше за новиот текст на предлог-законот за јавно обвинителство кој во текот на наредната недела ќе се најде пред пратениците во Собранието на Република Северна Македонија.

Во продолжение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:

 

 

“Како што сте веќе информирани, до денеска не се создадоа услови за постигнување консензус за одржување на лидерската средба закажана за денеска и таа нема да се одржи.

Во мое име, и во име на Владата должен сум уште еднаш да нагласам дека не се прифатливи ултиматуми кои тргнуваат од позицијата да штитат криминал, да ги блокираат процесите кои што земјата ја водат напред и кои ги ставаат партиските пред државните интереси.

ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски одбија лидерска средба без никаков аргумент и без разумно објаснување. Со месеци се обидувавме со нив во искрен дијалог од наша страна да постигнеме компромис за Законот за јавно обвинителство кој ќе обезбеди СЈО како круцијално институционално решение да ја продолжи својата работа, а случаите во нивна надлежност да бидат до крај расчистени во фер судска постапка.

Тоа беа и се цели, од самиот почеток. Да ги одбраниме принципите на владеење на правото и задоволување на правдата. Да ги ставиме во темелите на правната држава и да ја обезбедиме европската иднина на земјата со отворање на преговорите за членство.

 

 

Во овој изминат период не наидовме на искрен пристап и разумен дијалог од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Се соочивме со бескрајни одлагања, неразумни барања, целосно неповрзани со суштината на Законот за Јавно Обвинителство. Со персонализирање на целиот процес и максималистички барања за текстот на ЗЈО кои ги нарушуваат принципите на правната држава и интересот на граѓаните.

Таквите постапки, со голем интензитет го наметнаа прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се искрени во намерите да учествуваат во овој процес? Дали ВМРО-ДПМНЕ искрено се залага за европска иднина на Северна Македонија и дали се заинтересирани за владеење на правото и расчистување на криминалот или прават сѐ што треба за негова одбрана и заташкување?

Ние докажавме дека за нас криминалот не познава партиски и други бои и дека принципиелно и бескомпромисно сме за борба против него.

Во таа смисла, како Влада, идната недела до Собранието на Република Северна Македонија ќе предложиме нов текст на Законот за Јавно Обвинителство. Во законодавниот дом, во домот на демократијата ќе отвориме дијалог со сите политички партии и пратенички групи во Собранието на РСМ.

Текстот што ќе биде предложен ги вградува оние точки за кои досега сме разговарале и беа барање на опозицијата и за кои сметаме дека можат да бидат прифатливи за најголем дел од пратениците, притоа заштитувајќи ја досегашната работа на СЈО и случаите за кои тоа обвинителство има надлежност.

Суштинските делови на овој Предлог- Закон за јавно обвинителство подразбираат:

– Специјалното Јавно Обвинителство како структура се интегрира со досегашното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и добива нов назив:

„Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција“.

Ова ЈО ќе има надлежност на целата територија на РСМ и ќе ги има гаранциите за самостојност во делувањето кои одговараат, во најголем дел, на досегашната позиција на СЈО, а сепак ќе биде во хиерархија на субординација на државното Јавно обвинителство.

– Новото ЈО за гонење на организиран криминал и висока корупција ќе биде водено од обвинителката Вилма Русковска, која има мандат, и која во моментов го води ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, а сите обвинители кои работат во СЈО ќе продолжат да работат во новото ЈО. Нивниот мандат е до 15 септември и имаат право да бидат реизбрани.

На овој начин ќе ја обезбедиме досегашната структура и ресурси на СЈО во нова форма и без каква било можност политичарите да одлучуваат за составот и раководството на ова обвинителство. Сега тие одлуки ќе ги носи Советот на јавни обвинители како надлежна институција, како што предвидува законот.

– Сите случаи кои се пред судовите, за кои СЈО е надлежно согласно закон, ќе ги продолжи и ќе ги застапува пред надлежните судови новото ЈО, согласно досегашната законска рамка во фазата во која се застанати.

Постојните вработени и истражители во постојните обвинителства преминуваат во новоформираното обвинителство, како и архивата, материјалните средства и опремата.

Ова обвинителство ќе ги има сите гаранции за независно вршење на својата функција.

Една од клучните гаранциите за независност е финансиската самостојност. Новиот предлог-закон предлага висината на средствата за работа на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, да се утврдува врз основа на предлог Буџет и финансиски план на Шефот на ова Јавно обвинителство, кој го доставува до Јавниот обвинител на РСМ и Министерството за финансии.

Владата на РСМ и Собранието нема да можат да го менуваат предложениот финансиски план и се должни да обезбедат финансиски средства за непречена работа.

Со законот е зајакната и личната независност на јавните обвинители и е предвидена гаранција согласно која јавните обвинители од ова јавно обвинителство, не може да бидат времено упатувани да вршат јавно обвинителска функција во други јавни обвинителства.

Гаранции во законот се предвидени и во однос на постапката за разрешување на Јавниот обвинител на ова Јавно обвинителство, за да се избегнат сите можни влијанија во неговата работа. Вградивме одредба согласно која, првиот човек на ова Јавно обвинителство може да се разреши единствено со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови на Советот на Јавните обвинители.

Тоа значи дека ниту еден политички фактор нема да може да влијае и на разрешувањето на јавните обвинители.

Значајна гаранција е дека Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, без согласност од Јавниот обвинител на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција, не може да преземе кривично гонење или вршење одредени работи за кои е надлежно ова обвинителство, ниту пак да овласти друго Јавно обвинителство да води постапки за предмети за кои е надлежно ова јавно обвинителство.

Од ова правило, постои само еден исклучок, а тоа е доколку при надзорот се утврди дека јавно обвинителската функција не се врши согласно роковите утврдени со Законот за кривичната постапка – непостапување и чување на предмети во фиоки нема да има.
Пред законот се еднакви сите.

Откако обвинителката Катица Јанева ја депонираше својата оставка, и од денеска, кога го предлагаме овој текст на Законот за Јавно обвинителство, не гледаме веќе никаков изговор од опозицијата да избегнува разговори и договор околу ова прашање, освен доколку нема намера и понатаму да нанесува штети на својата држава и да заштитува нечиј криминал.

Искрено се надевам дека тоа не е така и дека тоа ќе го видиме следната недела кога законот ќе се најде во собранието.

Време е со искрена и чесна посветеност на овие теми да ги заокружиме реформските приоритети во делот на европските интеграции за да се претставиме на есен како земја која ги затворила сите прашања за добивање на ветениот датум за старт на преговорите.

Да бидеме одговорни и да не му дадеме никому аргумент да ја доведе во прашање оваа наша стратешка цел.

Ги повикувам сите пратеници во Собранието на Република Северна Македонија со сета внимателност да го проследат предлогот и со сета одговорност да ја гарантираат правната држава и владеењето на правото во нашата земја.

Исклучително значајно е да покажеме дека политичките чинители и народните претставници во земјата го препознаваат моментот кој бара да ги ставиме политички разлики настрана, за да покажеме дека сме единствени кога се во прашање заедничките интереси на нашите граѓани и на нашата држава“ – изјави премиерот Заев.