Медиумски бомби и тишина – Драгана Бјелица

Сподели

 

Драгана Бјелица

Веќе неколку години јавноста слуша дека регулаторното тело ќе воведе ред во медиумите дури откако ќе добие овластување директно парично да ги казнува оние што ќе ги прекршат прописите. Се разбира, станува збор за бесрамна невистина.

Интересно е тоа што известувањето на ТВ Н1 и  Блиц Онлајн за експлодирањето на касетна бомба во Ниш, кое овие редакции не го поврзаа со некогашното бомбардирање на Србија од страна на НАТО, не беше препознато како важно медиумско премолчување. Ако српската јавност не успеала да го забележи тоа, регулаторното тело, кое инаку е платено да води сметка дека телевизиите ги почитуваат законите, никако не би смеело да ја премолчи драстичната злоупотреба на ТВ Пинк, која во вестите беше повикала адвокат со цел медиумски да ја симне вината од првостепено осудениот син на сопственикот на таа телевизија, а во студиото немаше никој друг кој би ги бранел интересите на настраданата девојка.

Кој би рекол дека неодамнешната вест за експлозијата на касетна бомба во Ниш, град на југот од Србија, истовремено ќе покаже суптилна медиумска манипулација и автоцензура. Два важни српски медиуми, кои се во странска сопственост, ТВ Н1 и Блиц онлајн, избегнаа да го доведат во врска бомбардирање на НАТО во Србија во 1999 година со експлозијата дваесет години подоцна во која полесно беа повредени тројца турски градежни работници.

Репортерот на ТВ Н1 за Србија не беше единствениот кој заборави на врската меѓу НАТО и касетната бомба што експлодираше на 26-ти јуни. Овој важен елемент од веста исто така беше испуштен во авторските извештаи објавени на веб-страницата на Блиц. Ако бомбата на НАТО беше премолчена информација што ги поврзува овие два медиума, телевизија која е во американска сопственост и која го истакнува професионализмот како своја карактеристика и најчитаната медумска веб-страница во Србија, која е во германска сопственост, има уште нешто што овојпат ги спои.

Двата медиуми објавија дека градилиштето на кое експлодирала бомбата и на кое се градат станови за полицајци и војници, го отвори српската премиерка Ана Брнабиќ. Во тоа навистина нема ништо спорно, но логично прашање е колку е важна оваа информација во овој случај.

Ако во извештаите немало простор за информацијата дека експлодирала преостаната бомба од НАТО, тогаш каде редакцијата ја нашла врската меѓу премиерката и бомбата? Можеби во тоа дека е одговорна за поставување на камен темелник на тло кое уште не е безбедно? Така, вниманието на публиката се пренесе на неа.

Медиумска писменост

Во српското новинарство често се зборува за автоцензура и дека таа е поприсутна од цензурата. Постојат оние кои сметаат дека автоцензурата не може да постои онаму каде што нема цензура. Ако ја прифатиме оваа теза, дали тоа би значело дека новинарите и уредниците на овие редакции премолчиле важна информација бидејќи знаат дека на нивните медиумски газди не би им се допаднало потсетувањето на НАТО и забранетото оружје кое го користеше?

Овој пример може да послужи како тема за разговор на час по медиумска писменост, земајќи предвид дека во училиштата во Србија активно се работи на нејзино воведување. Покрај примерите на очигледните прекршувања на таблоидите, медиумската писменост треба да нè научи како да ја препознаеме манипулацијата и во други медиуми, што значи и во оние кои се сметаат за сериозни весници.

vucic1
Извор: euobserver.com

Во најновиот извештај на Европската комисија за Србија од крајот на мај 2019 година, се констатира дека Министерството за култура и информирање на Србија формирало работна група која треба да подготви прирачник за претставување и развој на медиумската писменост во предучилишното, основното и средното образование.

ОБСЕ, пак, во својот годишен извештај за 2018 година вели дека работи на воведување на медиумска писменост во училишната програма и дека 300 наставници низ цела Србија посетиле акредитиран семинар од оваа област. Воведувањето на медиумска писменост во училиштата е барање на Европската унија за земјите кандидати. Всушност, основањето на Регулаторното тело за електронски медиуми во 2003 година претставуваше приближување кон европските стандарди.

Замислено како независна институција која е главно одговорна за законското работење на телевизиите, на часовите за медиумска писменост регулаторното тело би можело да послужи само како пример за неуспешност. Ова е најдобро прикажано со последниот случај на злоупотреба на медиумите за личен интерес на сопственикот, на кој, иако станува збор за преседан, регулаторното тело не реагирал.

Прегазување пешак на Пинк

Нема човек во Србија кој не знае дека во сообраќајна несреќа пред шест години настрада седумнаесетгодишната Андреа Бојаниќ, на која, возејќи со брзина над дозволената, налетал синот на српскиот медиумски магнат. Тој избегал од местото на настанот и подоцна пријавил во полиција, во придужба на неговиот татко. Неодамна е изречена првостепена пресуда за Александар Митровиќ, син на сопственикот на ТВ Пинк, Жељко Митровиќ, кој е осуден на 12 месеци домашен затвор, а во казната се сметаат и два и пол месеци кои тој ги минал во притвор.

На денот кога беше изречена пресудата, на емисијата „Национален дневник“ на телевизија Пинк гостуваше адвокатот на Митровиќ, кој негираше секаква вина на својот клиент. Во студиото немаше никој кој би му се спротивставил.

Регулаторно тело

Обичен човек сигурно би се наежил од овие зборови, кои ја обесмислуваат законската логика и основната човечност. Не знаеме дали се наежиле членовите на Советот за регулаторното тело. Но знаеме дека не го казнија Пинк, иако постои законска основа за тоа. Сопственикот на Пинк злоупотребил телевизиска програма за личен случај и за одбрана на неговиот осуден син.

Медиумските прописи ја обврзуваат ТВ Пинк да обезбедува слободно, точно, целосно, објективно информирање, а „посебно вестите да ги презентираат фактите и настаните вистинито и објективно и да поттикнуваат слободно формирање на мислења” (подзаконски акт – Правилник за заштита на човековите права во обезбедувањето на медиумски услуги). Прописите понатаму предвидуваат дека не смее на несоодветен начин да се шпекулира за причината, текот и последиците од некој трагичен настан; дека медиумите мора да се трудат да го претстават настанот на јавноста на начин што нема да предизвика непотребно страдање на жртвата и нејзините роднини.

Со оглед на тоа дека регулаторното тело, согласно Законот за електронските медиуми (член 22) е должно да го поттикне професионализмот на вработените во медиумите, да ја унапреди уредничката независност и автономијата на медиумите, дали некој од ова тело помислил јавно да го праша уредникот на информативната програма на ТВ Пинк дали без притисок одлучил за овој гостин? Воочливо е што адвокатот коментираше пресуда што дотогаш не ја добил, ниту тој, ниту обвинителството. Судијката ја прочитала одлуката, која накратко и усно ја образложила, на страните во постапката. Самиот текст на пресудата, со целосно образложение и утврдени факти, дошле подоцна.

Пријави и казни

Веќе неколку години јавноста слуша дека регулаторното тело ќе воведе ред во медиумите дури откако ќе добие овластување директно парично да ги казнува прекршителите на прописите. Се разбира, станува збор за бесрамна невистина. Законодавците не би исплаќале плати, а да заборавиле да ја пропишат работата и овластувањата. Ова регулаторно тело не е толку немоќно колку што во последниве години се претставува пред српската јавност.

Во првите години од работењето, Советот кој управува со регулаторното тело се однесуваше каубојски и силно, кога го укина емитувањето на телевизијата БК во 2006 година, една од најгледаните во тоа време. Меѓу другото, поради „нескриеното фаворизирање” на сопственикот на телевизијата и неговата политичка партија. Арогантноста на одлуката на Советот (Врховниот суд го поништи решението за БК телевизија на што тогашниот претседател на Советот само се насмеа) и денешното однесување што би се опишало како „се правиме мртви” и тогаш и сега беа во корист на власта, велат познавачите на ситуацијата со српските медиуми.

Ако ги погледнеме податоците за 2018 година, регулаторното тело добило 296 пријави за телевизиска содржина од граѓани, невладини организации, политички партии и органи на власта. Советот издал само две опомени и две предупредувања. Опоменати се РТВ Панон од Суботица – поради промена на сопственоста без согласност од Регулаторното тело и националната телевизија TV Happy – заради однапред режирано насилство во реална емисија.

Телевизијата Мелос од Краљево била предупредена – бидејќи не обезбедила снимка од својата програма на регулаторното тело. А ТВ Пинк била предупредена за утринската програма во која водителот Предраг Сарапа имал мизогинистички испад во кој поранешна стриптизерка рекламирала сексуални помагала (Данас онлајн, 15 март 2018 година).

Се разбира, бројот на пријавени прекршоци ќе биде дополнително зголемен ако пријавите кои доаѓаат од „надвор” ги вклучат оние што доаѓаат од „внатре”. Стручната служба на регулаторното тело врши надзор на програмата за 24 часа и има обврска да ги пријави прекршоците до Советот, да предложи мерка за изрекување, но Советот има последен збор.

Европската комисија во своите годишни извештаи за приближувањето на Србија кон стандардите на ЕУ редовно се осврнува на регулаторното тело. Така, во најновиот извештај се констатира дека Советот на регулаторното тело не успева ефикасно да ги контролира и казнува медиумите кои не ги исполнуваат обврските во поглед на програмската содржина. Редовно се напоменува дека Советот функционира со помал број членови отколку пропишаните – шест, наместо девет (Собранието на Србија упорно не ги избира останатите тројца членови).

Кои се шестмината кои го сочинуваат Советот?

Познато е дека тие беа избрани за време на мандатот на владата на Александар Вучиќ и Српската напредна партија и дека не се многу познати на јавноста. Оливера Зекиќ најмногу се појавува во јавноста, таа се повикува на принципот на независност додека борбено брани сè што регулаторното тело денес претставува.

За Пинк знаеме дека од основањето во 1994 година, таа спаѓа во телевизиите кои ја сакаат власта. Нејзиниот сопственик во ниту еден момент не се двоумел активно и лично да ѝ помогне на владејачката политичка партија и како висок функционер на југословенската левица, партија на Мирјана Марковиќ, сопругата на поранешниот претседател на Југославија Слободан Милошевиќ. Така функционира и сега. Тука нема ништо ново.

Но, за читателите може да биде ново дека прописите ги обврзуваат членовите на Советот на интегритет. Кодексот на однесување на членовите на Советот на регулаторното тело постои помалку од две години и има сила на подзаконски акт. Во него се вели дека членовите на Советот се обврзани на интегритет, „чесно и правично постапување”, со цел „да ја зачуваат и охрабрат” довербата на јавноста во непристрасноста и ефикасноста на регулаторното тело.

Лутината на сопственикот на Пинк кон хрватските власти кои му ја одзеле јахатата, своевремено можеше да се види не само на српската телевизија Пинк, туку и во програмата на телевизијата која тој тогаш ја имаше во Словенија. И тука и таму таквото користење на медиумите за лична пресметка не е казнето. Сепак, најновиот пример на злоупотреба на телевизиската програма е мачен бидејќи синот на сопственикот на Пинк во студиото имал адвокат кој го бранел, но немало никој да го брани интересот на настраданата девојка.

Регулаторното тело нема да реагира во овој случај, освен под притисок на јавноста, тоа е очигледно. Тоа конкретно значи дека ќе биде принудено да одлучува само ако некој поединец, невладина организација, владин орган, испрати пријава во рок од 30 дена од емитувањето на содржината за која станува збор. Овој рок во овој случај истекува на 1 август 2019 година.

respublica.edu.mk