Претседателот Пендаровски: Сакам на сите да ви го честитам нашиот голем празник ‒ Илинден!

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски и претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ, Никола Стојановски, денеска, по повод државниот празник 2-ри Август – Денот на Републиката, се обратија на церемонијата што се одржа во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, Вила Водно.

 

 

Обраќање на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски 

Почитувани учесници во Народноослободителната војна,

Почитувани партизани, почитувани херои,

Драги сограѓани,

 Сакам на сите да ви го честитам нашиот голем празник  Илинден!

Како што вели слоганот за празникот оваа година – СИТЕ СМЕ ДЕЦА НА ИЛИНДЕН. На овој ден се потсетуваме дека слободата и државноста се освојуваат и опстојуваат преку сеќавањата што се пренесуваат од една генерација на друга.

 

Вистината за Илинденското востание и денес е жива благодарение на сведоштвата кои ги оставија преживеаните илинденци. Раскажувајќи за битките и за слободната територија, за краткотрајната, но, славна Крушевска Република, тие на сите нас ни го пренесоа идеалот за создавање на слободна македонска држава. Кога илинденската генерација зборуваше, вашата генерација со почит и внимание слушаше и се инспирираше за следните битки.

 И денеска, на Илинден, јас не сакам да зборувам, а вие само да слушате. Илинден е ден кога јас, заедно со сите други граѓани, треба да ве слушнам вас. Кога вашата генерација зборува, ние, вашите потомци со почит и со внимание треба да слушаме и да бидеме благодарни затоа што никој нема поголемо право да зборува за вистината за Народноослободителната борба и АСНОМ од вас, партизаните кои се изборивте за слободна македонска држава.

 

Деновиве имав чест да се сретнам со еден од вашите соборци, командантот на Третата македонска ударна бригада, вашиот другар Јордан Цеков-Дане. Тој ми раскажуваше за студентските штрајкови, за првите партизански одреди кои прераснуваа во бригади, дивизии и корпуси. Зборуваше за успешните акции и борби со фашистичките окупатори. Ги сподели со мене живите сеќавања за АСНОМ и за средбите со Методија Андонов-Ченто. За тоа како неговата Трета македонска ударна бригада го формирала безбедносниот обрач околу манастирот „Св. Прохор Пчињски“ за да им овозможи на делегатите на АСНОМ да ги донесат историските одлуки за формирање македонска држава. Ги сподели неговите автентични сеќавања за ослободувањето на Скопје.

 Сите ние мораме да се согласиме со неспорната историска вистина дека во основите на нашата држава е антифашизмот и тоа ниту еден историски ревизионизам не смее да го доведе во прашање. 

Денеска заедно ја посетивме Алејата на великаните каде почиваат Кузман Јосифовски-Питу, Михајло Апостолски и Киро Глигоров. Во тоа училиште на нашата понова историја се поклонивме пред вашите починати соборци. Епитафот испишан на споменикот на паднатите борци најдобро ја објаснува целта на нивните животи и смислата на нивната жртва. Таму пишува дека умреа на нозе за да не клечат живи, а живи се, бидејќи мртов е зборот робје.

Во време кога сме преокупирани со дневно-политички прашања, ова се освестувачки зборови што сведочат за димензиите на огромната жртва која ја овозможи денешната независност и слобода.

За тоа сведочат и овие знамиња на сите македонски ударни бригади, на вашите бригади поставени зад мене, подигнати до знамето на Република Северна Македонија. Вие, партизаните, имавте храброст да го продолжите делото на илинденците и да ни оставите независна држава.

Затоа, кога зборувате, треба внимателно да слушаме и да учиме од вас, затоа што ослободувањето е само првиот чекор. Слободата се добива, но, за неа мораме да се бориме постојано.

 Почитувани сограѓани,

 

Карактерот на еден народ се вреднува според предизвиците со кои тој народ има храброст да се соочи. За време на Втората светска војна, граѓаните на Македонија имаа храброст да се соочат со најголемото зло на 20 век  фашизмот и нацизмот и да ја ослободат својата татковина.

 

Најголемиот предизвик за нас денес е граѓанското помирување. Патот до помирување води преку правдата втемелена врз вистина. А за вистинска правда е потребно владеење на правото. Тоа мора да биде нашата темелна вредност со која не смее да се прави компромис. Само граѓанско помирување, втемелено врз правда и одговорност, ќе ни ја врати меѓусебната доверба и ќе ни овозможи да изградиме праведно и напредно европско општество во кое секој човек ќе се чувствува еднакво вреден. Нема друга алтернатива.

 Државата е наша заедничка одговорност. Независно дали сме Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, независно дали сме христијани, муслимани, протестанти, Евреи или атеисти, сите заедно да се грижиме за оваа држава како највредното нешто што го имаме. А јас како претседател, заедно со вас, ќе правам сè што е во рамки на моите надлежности да имаме држава што ќе ги заштитува своите граѓани како највредното што го има.

 Имаме различни етнички потекла, зборуваме различни јазици, имаме различни религиски уверувања и идеолошки убедувања. Колку поразлични сме, толку побогата е нашата култура и толку поширок е хоризонтот на можности. Но, сето тоа зависи од нас, дали и колку сме подготвени да ја почитуваме различноста и да ја прифатиме како основа за нашиот заеднички живот.

Затоа, да ги надминеме историските поделби и непотребните политички конфронтации, да ги здружиме сите наши знамиња и симболи, независно дали се етнички, верски, идеолошки, партиски или генерациски. Да се обединиме во еден единствен фронт за реализација на нашата заедничка цел – трансформација на Северна Македонија во напредна европска држава – членка на НАТО и на Европската Унија. Да градиме демократска држава во која успехот на едниот нема да биде врз грбот на другите. Да градиме држава во која законите ќе важат за секој граѓанин подеднакво. А во центарот на тој историски потфат да биде достоинството на човекот и на граѓанинот кој мора да ја добие шансата да се реализира тука, во својата земја.

 Сето ова да го правиме свесни за една работа. А тоа е дека еден ден и ние ќе се соочиме со наредната генерација. Ако се помириме и заеднички вложиме во нашата европска иднина, тогаш ќе имаме образ да излеземе пред нашите деца и внуци и да кажеме – ние го продолживме делото на нашите предци и го изодевме нашиот дел од патот. Сега е редот на вас. 

 За многу години Илинден!

Да живее Република Северна Македонија!