Имаме европска јавна администрација и македонска невработеност

Сподели

 

Официјалниот број на вработени во јавниот сектор во земјава е близу до европскиот просек, како процент од вкупниот број вработени, но уште поблизу до македонската стапка на невработеност. Истовремено, просечната стапка на невработеност во ЕУ е 6,8 отсто, или помалку од половина од македонската.

 

 

Според Годишниот извештај од регистарот на вработените во јавниот сектор за 2018 година, Министерството за информатичко општество и администрација минатата година избројало 132.068 вработени во јавниот сектор. Тоа изнесува 17,4 од вкупната бројка на вработени што ја соопшти Државниот завод за статистика.

Според последните податоци на Европската статистичка агенција ЕУРОСТАТ, пак, просекот на владиниот сектор во 28 земји – членки на ЕУ во 2017 година бил 16 отсто од вкупниот број вработени.

„Уделот на владиниот сектор во ЕУ остана речиси стабилен помеѓу 16 и 17 отсто од вкупната вработеност во периодот од 2000 година, изнесувајќи 16 отсто во 2017 година “, се наведува во студијата „Европската економија од почетокот на милениумот“.

ЕУРОСТАТ забележува дека во тој период најголемо намалување имало во владиниот сектор во Малта, Словачка, Обединетото Кралство и Италија, а најголемо зголемување во Романија, Словенија и Унгарија.

Најголем удел во 2017 година владиниот сектор имал во Шведска, со 29 отсто од вкупната вработеност, во Финска 24 отсто, во Франција и Литванија по 22 отсто, а најмал во Германија со 10 отсто, Холандија и Луксембург по 12, Италија 13 и Португалија 14 отсто од вкупниот број вработени.

Но, има битна разлика помеѓу македонското и европското пребројување на владиниот и јавниот сектор.

„Владиниот сектор ги вклучува јавните службеници и другите владини вработени на национално, регионално и локално ниво, како и вооружените сили. Треба да се нагласи дека опфатот на владиниот сектор варира меѓу земјите – членки, затоа што, на пример, вработувањата во образованието или здравството се дел од владиниот сектор во некои земји, но не и во други“, нагласува студијата на европската статистичка агенција.

Кај нас, пак, состојбата е обратна. Додека Регистарот на вработени во јавниот сектор ги вклучува вработените во образованието, здравството и јавните претпријатија, меѓу другото, не ги вклучува пратениците, министрите, замениците министри, градоначалниците, претседателите и членовите на државни комисии, директорите, судиите, јавните обвинители и другите избрани или именувани лица

„Согласно со член 2 став (3) од Законот за вработените во јавниот сектор, функционерите, односно лицата кои добиле мандат да извршуваат функција на претседателски, парламентарни или на локални избори, лицата кои добиле мандат да извршуваат функции во извршната или во судската власт преку избор или именување од Собранието на Република Македонија или од органите на локалната власт, како и други лица кои согласно со закон се избрани или именувани на функција од носителите на законодавната, извршната или судската власт, во смисла на овој закон, не се сметаат за вработени во јавниот сектор, и нивните податоци не се дел од овој извештај.“ , се наведува во годишниот извештај од регистарот.

И покрај различниот опфат и сличната големина на јавниот или владиниот сектор, суштинската разлика е во стапката на невработеност, односно во бројот на вработени кои, конено, го плаќаат јавниот, или владиниот, сектор.

Според последните проценки на Државниот завод за статистика, невработеноста во Македонија моментов изнесува 17,8 отсто. Според ЕУРОСТАТ, просекот на невработеност меѓу 28 – те членки на ЕУ е 6,8 отсто во 2018 година, или околу 38 отсто од македонската стапка на невработеност.