Македонија сака да учествува во изградбата на нуклеарката „Белене“

Сподели

 

Државната компанија ЕСМ испратила писмо за намери за учество во проектот за изградба на бугарската нуклеарна централа „Белене“. Информацијата денеска ја изнесе бугарската министерка за енергетика Теменушка Петкова, а новинската агенција МИА преку изјава од македонската влада ја потврди ваквата вест.

Како што јавуваат бугарските медиуми, македонското ЕСМ е едно од 13 – те компании што се пријавиле на повикот објавен во Службениот весник на Европската Унија во мај годинава. Седум од пријавените компании сакаат да учествуваат како стратешки инвеститори во изградбата на нуклерката „Белене“, вклучувајќи ја руската компанија „Росатом“, кинеската „ЦННЦ“, Корејската хидро – атомска корпорација, конзорциумот АЕЦ „Белене“, конзорциумот „Електроцентрала Белене“, германската „Бектрон Карлсруе“ и бугарските „ИПК“ и „УП ЕООД Бугарија“.

Бугарската министерка Петкова потврди дека две други апликации биле доставени од „Џенерал електрик“ и „Фраматом“ за обезбедување на опрема за идната нуклеарна централа. Конечно, четири писма за намери биле испратени за склучување договори за купување електрична енергија и за учество во малцински удел во проектот од македонската „ЕСМ“, „European trade of energy Bulgaria“, „Energy distribution“ и „Енергомонт“.

Листата на заинтересирани компании за учество во изградбата на нуклеарната централа „Белене“ треба да биде готова во рок од 90 дена, по што ќе биде распишан официјалниот тендер за поднесување на понуди. Целокупниот проект ќе треба да се гради по пазарен принцип, без државна гаранција и без долгорочно купување на електрична енергија. Бугарската држава ќе учествува во проектот „Белене“ преку Националната компанија за електрична енергија.

meta.mk