Османи: „Рекет“ да не се злоупотребува за дневно-политички препукувања

Сподели

 

“Целосна поддршка на правосудните органи за брза, ефикасна и транспарентна постапка за расветлување на случајот „Рекет“, побара на денешната прес-конференција вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, нагласувајќи дека со тоа ќе се обезбеди враќање на довербата во институциите и владеењето на правото.

Османи потенцираше дека остануваат неполни два месеца од клучните состаноци на ЕУ, на кои се очекува потврдата за почнување преговори. Тој апелираше помалите албански политички партии да не го користат „Рекет“ за дневно-политички препукувања.

-“Евтината злоупотреба на „Рекет“ е израз на незрелост и неодговорност и ја загрозува нашата позиција како сериозна земја кај меѓународните партнери” – изјави Османи.

Тој додаде дека ефикасната борба против организираниот криминал и корупција и зајакнување на владеењето на правото се темелни европски вредности за кои земјите од ЕУ имаат низок праг на толеранција.