Судот успеа да го најде битолскиот градоначалник Владимир Талески и официјално му го врачи решението за куќен притвор.
Ваквата вест официјално за „Мета“ ја потврдуваат од Кривичниот суд од Скопје. Од судот велат дека адвокатот на Талески веќе поднесол жалба на решението. Не се знае каде бил Талески во изминатите два дена од изречувањето на мерката куќен притвор за случајот „Транспортер“.
Во Битола неофицијално се зборува дека Талески бил хоспитализиран поради проблеми со здравјето, други пак велат дека само што се опуштил од првичната одлука на судот за одземање на пасошот и веднаш заминал да се одмара покрај брегот на едно од нашите езера, заедно со своето семејство.
Засега е неизвесно кој ќе го замени Талески, меѓу советниците се зборува дека можеби тоа ќе биде највозрасниот советник избран во Советот на Општина Битола, Стојан Кулевски од Демократскиот сојуз или можеби советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Златко Милошевски, кој беше поранешен градоначалник на Битола и во неколку мандати советник.
Инаку веста за домашен притвор за Талески, внесе немир меѓу дел од вработените во Општина Битола кои стравуваат дали овој месец ќе земат плата.