На штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ од Штип на првиот уписен рок, кој завршува денеска се запишани 1.200 од планираните 4.000 студенти. Oвој универзитет успеал да запише помалку студенти за околу 20 отсто во однос на ланскиот прв уписен рок.
Проректорот Кирил Барбареев оцени дека оваа бројка е последица не само на помалиот број на завршени средношколци, туку и на строгата законска примена, според која, матурантите со училишна матура не можат да се запишат на факултет.
Според Барбареев, овие матуранти се обесправени во однос на генерациите пред нив, кои можат да бидат запишани на македонските универзитети.
– Тука е специфичен еден момент каде некои приватни универзитети објавија дека матурантите со училишна матура можат да се запишат на приватните факултети. По кој закон не можат кај нас, а можат кај приватните, е прашање кое сериозно треба да го одговорат правниците. Ние сме доследни во спроведување на законот. Министерот е дециден дека не можат да се запишат тие со училишна матура и ние тоа ќе го почитуваме – изјави Барбареев.
Проценката е дека во целата држава има над 2.000 завршени средношколци со положена училишна матура, кои оваа година нема да можат да се запишат на македонските универзитети. Барбареев јавно праша дали државата, образовните власти имаат стратегија што со овие млади луѓе, кои можеби ќе ја бараат својата иднина на странските универзитети.
– Ова прашање отвора многу други прашања за кои Министерството за образование и наука со својата стратегија што со тие ученици – дали ќе се вработат во стопанството, ќе заминат во странство, се надевам дека некој направил многу добра анализа. Заминувањето на младите од своите држави погодува многу земји. Имаме информација дека на универзитетите во Словенија, како Универзитетот во Љубљана, во изминатите пет до шест години има 6.000 помалку студенти. Тие својата празнина ја пополнуваат со студенти од Балканот, затоа имаат таква развиена политика на стипендии, на вработување, на избор на најдобрите, на добри услови во образованието. Тоа се такви примери на добра политика, која не се препушта на стихијност – изјави Барбареев.
По првиот уписен рок на штипскиот универзитет, најголем интерес вообичаено има за медицинските науки, при што, сите места се пополнети во Општа медицина, додека мал број на слободни места има на факултетот за стоматологија, фармација и Високата медицинска школа.
И покрај повикот од образовните власти за запишување на техничките науки, таму интересот е најмал.
На електротехничките и машинските науки има по десетина запишани студенти.