Димитров награден за ,,Придонес кон европска интеграција на Западен Балкан“

Сподели

 

По повод петгодишнината од основањето на порталот ,, Европски Западен Балкан“- europeanwesternbalkans.com , редакцијата ја доделува наградата за Придонес кон европската интеграција на регионот на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров.

Наградата се доделува „за демонстрирање вонредни напори за приближување на неговата земја и регионот кон ЕУ, промовирање на духот на соработка и мир во регионалните работи, со посебен акцент на нормализирање на односите меѓу Грција и Северна Македонија, како и примерна поддршка за демократските реформи и надминување на товарот од минатото на Западен Балкан “.

Порталот ,,Европски Западен Балкан“ е основан во 2014 година за да придонесе за достапност на информации поврзани со ЕУ во земјите од Западен Балкан, но и да ги пренесува вестите од регионот до Брисел и во главните градови на другите земји-членки. Во текот на овие пет години, EWB стана еден од најпочитуваните и најверодостојни извори на вести на англиски јазик во регионот, со силна поддршка и во Западен Балкан и во Брисел.

Наградата ќе му биде врачена на министерот Димитров по неговото враќање од официјалните посети на главните градови на земјите членки на ЕУ.