Претседателот Стево Пендаровски, денеска се обрати на Третата пленарна сесија на Националната конвенција за Европската унија во Република Северна Македонија (нкеу-мк).
“Со задоволство ја прифатив поканата да се обратам на оваа конференција и да зборувам за корупцијата како национална и како глобална деструктивна појава.
Корупцијата е болест на општеството, која како и секоја тешка болест ако не се третира навреме и целосно, го зафаќа целото тело, навлегува длабоко во сите пори на општественото живеење и остава несогледливи последици врз демократијата, за чие заздравување се потребни децении.
Корупцијата, како антитеза на правната држава и на владеењето на правото ги руши темелите на демократијата и ги повредува основните принципи за заштита на човековите права. Корупцијата е проблем со кој се соочуваат речиси сите држави и тој често пати бара и заеднички одговор. Ниту земјите коишто во својот развој достигнале највисок степен на демократија не се имуни на случаи на тешка корупција.
Во изминатите речиси 20 години, како членка на „Групата на држави против корупцијата“ – ГРЕКО, во нашата земја се спроведени 5 извештаи за оценка на состојбите со националните антикорупциски политики. Најдобрите резултати за спроведување на препораките на ГРЕКО ги остварувавме во 2002 и 2005 година, и потоа, почнувајќи од 2010 година, па се до денес, резултатите се се послаби, за во последниот извештај да стигнеме до само „задоволително“ ниво на имплементација на препораките.”
“Ова е само еден показател дека со имплементацијата на терапијата нешто не е во ред, дека е потребна далеку поголема енергичност и посветеност кои ќе дадат конкретни резултати. Граѓаните тоа со години го очекуваат од нас. Тие, со право, сметаат дека институциите на државата кои се платени од нивни пари не си ја вршат својата работа на најдобар можен начин и дека затоа во борбата со криминалот и корупцијата, сеуште, немаме постигнато задоволителни резултати.
Нам ни е неопходно системско справување со корупцијата и воспоставување вредносен систем кој ќе биде во согласност со европските стандарди и критериуми, за што е неопходна јасно изразена волја на сите релевантни политички чинители во државата.
Исто така, сметам дека обезбедувањето на транспарентност и ефективна координација и соработка меѓу институциите ќе придонесе кон намалувањето на корупцијата и истовремено консолидирање на демократијата. Свесноста за постоењето на одреден проблем е првиот чекор. Колку повеќе и погласно се зборува за тоа, толку станува ризикот поголем за оние што го одржуваат во живот. Тука, улогата на слободните и професионални медиуми има огромно значење.”
Економскиот развој и нултата толеранција за корупцијата мораат да бидат врвни приоритети за секоја власт. За успешно справување со овие предизвици потребно е обединување на потенцијалот и поддршка од сите нас, и од власта, и од опозицијата, од бизнис секторот, од граѓанските здруженија, од медиумите. Правната држава и владеењето на правото не смеат да бидат празна флоскула, во која, патем, граѓаните, низ годините, се помалку веруваат. Правосудниот, судскиот и обвинителскиот систем мора да имаат соодветна, темелна и навремена реакција, целосно заштитена од политички влијанија.”
Во овој контекст, во изминатиов период неколкупати зборував во врска со актуелниот случај „Рекет“, сега сакам да повторам – оваа афера е круцијален тест за системот на правната држава и затоа, треба да се реши темелно, до крај. Притоа, не заради Европа, туку, пред се, заради нас, не смееме да толерираме евентуални странични влијанија од било која страна и да доаѓаат.
Во изминативе 28 години откако сме независна држава, има еден поразителен факт што не зборува во прилог на тезата дека успеавме да изградиме правна држава врз цврсти фундаменти. Тоа е дека имаме многу малку пресудени случаи за висока корупција и изречени соодветни санкции, а сите знаеме дека такви злоупотреби имало многу. Овој факт, за жал, говори за тоа дека високиот криминал и корупција кај нас долги години биле прикривани, и наместо жестока реакција на правната држава ние сме етаблирале култура на неказнување.
Високата корупција е еден од несаканите продукти на неприродната врска меѓу политиката и бизнисот. Секаде каде што има политички мешања во бизнисот, економијата трпи, односно малкумина се богатат во крајно сомнителни околности, додека народот страда. Убеден сум дека нема кој друг освен нас, политичарите, кои се должни да изградат амбиент за развој на бизнисот, но, нашата надлежност треба да заврши тука. Секое пречекорување на надлежноста, по дефиниција значи, влез во корупција.
Се разбира, еден од нашите приоритети треба да биде и воспоставувањето и одржувањето на политичката стабилност и правната предвидливост како клучен фактор во градењето доверба меѓу јавниот и приватниот сектор.”
Не можам, а да не се согласам со констатациите на ГРЕКО дека Државната комисија за спречување на корупцијата треба да игра важна улога во националната антикорупциска политика. Оваа комисија, повеќе пати во минатото беше критикувана, со право, поради недостаток на независност, поради слабиот мандат или поради инертноста во однос на нејзините надлежности. Денес, имаме Антикорупциска комисија која ги има сите неопходни предуслови да биде пример за сите други институции во борбата против корупција. Сакам да ги охрабрам членовите на Државната комисија да продолжат со нивната работа во борбата против сите случаи на корупција и судир на интереси.Во таа насока, ќе ја имаат мојата јавна подрршка дури и за претпоставени случаи против мене или моите најблиски соработници.
Досегашните резултати од работата на Антикорупциската комисија даваат надеж дека состојбата се менува на подобро. Сметам дека секој одговорен политичар, и од власта и од опозицијата, сега и во иднина, треба да даде максимална поддршка на напорите на институциите за борба против корупцијата за културата на неказнивост да стане минато во нашата држава.
Се разбира, напорите на Антикорупциската комисија не се доволни. Нивната работа треба да ја следи и понатаму продолжува и ефектуира добро подготвено јавно обвинителство и независно судство. Правосилните судски одлуки донесени во транспарентна постапка треба да придонесат за градењето на една нова култура и нов амбиент во кој политичарите нема да претставуваат посебна категорија на луѓе за кои не важат законите.
Членството во НАТО и почнувањето преговори со Европската унија се извесни за Република Северна Македонија. Многу бргу ќе ги отвориме поглавјата во пристапните преговори и ќе треба да покажеме резултати во борбата против корупцијата, ако сакаме натамошен напредок. Најискрено, жалам што во овие речиси 30 години независност, не бевме далеку поефикасни при справувањето со ова зло.
Убеден сум дека не треба да се чека ниту еден ден повеќе. Како држава, како народ, немаме повеќе време за губење. Не смееме да си го дозволиме луксузот да имаме површен или релаксиран пристап кон корупцијата.
Ако сакаме младите да останат дома, ако сакаме да живееме во општество со извесна иднина, ако навистина сакаме владеењето на правото и правната држава да бидат наши врвни приоритети, тогаш базичен предуслов е да се впуштиме во бескомпромисна борба против корупцијата.” – изјави претседателот Пендаровски.