DW: Нема опасност од застарување на предметите на СЈО

Сподели

 

Oсвен за делото на Груевски во предметот „Траекторија“, за кое во октомври настапува апсолутна застареност, сите други предмети се далеку од застарување, велат поранешните обвинители на СЈО, пишува Дојче веле.

На 10 октомври настапува апсолутна застареност на делото за кое кривично се гони азилантот Никола Груевски – „примање награда за противзаконито влијание“ во случајот „Траекторија“, а делата за другите обвинети во тој предмет застаруваат во 2023. Обвинението за „Траекторија“ беше поднесено на 30 јуни 2017, одобрено беше на 1-ви ноември, а воведните зборови обвинителката ги даде дури на 1 први март 2018 година. Практично судењето почна дури по 9 месеци, со бројни доцнења и блокади.

Деновиве одново започна процесот за предметот „Трезор“ (за набавката на опрема за прислушување преку компанијата „Финзи“) во кој е обвинет Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК. Причина за новиот почеток е тоа што во меѓувреме истекоа максимално дозволените 90 дена од едно до друго рочиште. За истекувањето на тој рок помогна лично Мијалков кој не се појави на последното рочиште, поради здравствени проблеми.

Сега, кога процесот за „Трезор“ почнува одново, во јавноста се јавуваат истите дилеми: дали преку разни одложувања и ова дело може да застари, исто како за Груевски?

Поранешните обвинители на СЈО се децидни: нема опасност од застарување ниту на „Трезор“ ниту на други дела во предмети на СЈО, кои сега се во надлежност на ЈО. Условно речено, „најблиску“ до застарување е предметот „Насилство во Центар“- во 2023 година, но сметаат дека тоа нема да се случи, бидејќи е во финална фаза.

Од Коалицијата Сите за правично судење, граѓанска организација која ги следи судските процеси, укажуваат на една грешка, која ако не се исправи – може да ги смени работите.

„Во овој предмет има една грешка која што сѐ уште не е исправена од страна на Јавното обвинителство, поточно, квалификацијата за делото во обвинителниот акт упатува на кривично дело од став 2 на членот 386 од КЗ, а впрочем се работи за став 3 од истиот. Ова го увидовме при самото постапување по предметот, но до овој момент колку што нам ни е познато немало преквалификација на делото. Ова го посочуваме од причина што доколку се работи за став 2 делото е веќе застарено (застареност настапува на 01.06.2019), а ако станува збор за ставот 3, делото застарува на 01.06.2023 година. Но според праксата на постапување на обвинителите – да ги преквалификуваат и прецизираат обвиненијата, веруваме дека тоа ќе го сторат во самите завршни зборови“, укажуваат од Коалицијата.

Што е она што ги прави судските процеси неефикасни и долги, со што расте опасноста од застарување на делата, но и сомнежот кај граѓаните дека тоа не е случајно? Натали Петровска, извршна директорка на Коалицијата Сите за правично судење, како генерален проблем за оваа појава го посочува обемот на доказниот материјал предложен и доставен од обвинителството.

„Од страна на СЈО во дел од предметите се предлагаа стотици сведоци (кои утврдуваа иста фактичка состојба) и илјадници докази (некогаш и идентичен материјален доказ прибавен од различни институции), па при неможност судот да го лимитира бројот на докази, истиот има обврска да овозможи нивно изведување, а со тоа автоматски и да се пролонгира завршувањето на постапките. Во неколку наврати во постапките сослушуван беше по еден сведок на расправа, што само дополнително креира пречка во оптималното финализирање на постапките“, укажува Петровска.

Според неа, должината на траење на постапките често се должи и на одложувањето на расправите поради отсуство на обвинети и бранители во постапките.

„Бранителите и обвинетите отсуствуваа поради преклопување на предмети – исти обвинети или бранители, имаа по неколку предмети на дневниот распоред во исто време, па физички беше невозможно да присуствуваат или пружат одбрана. Ова последново би го дефинирале како отсуство на оптимален судски менаџмент на постапките, бидејќи обврска на судот е да го координира процесот на закажување и одржување на рочишта и истиот да го синхронизира кога станува збор за идентични обвинети, а не да овозможи платформа за чести отсуства, кои подоцна парично ќе ги санкционира“, оценува Петровска.