Грант од 10 милиони евра за пречистителна станица за отпадни води во Скопје

Сподели

 

Европската инвестициска банка (ЕИБ) донела одлука да ѝ додели на Македонија неповратни средства во висина од 10 милиони евра за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје. Ова беше објавено за време на вчерашниот Самит за Западен Балкан што го организираше „Економист“ во Скопје.

Идниот капитален објект треба да ги опфати отпадните води на над 500.000 жители од Скопје, за што треба да се инвестираат околу 120 милиони евра. Покрај добиениот грант од оваа банка, ЕИБ и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) треба да обезбедат два кредита од по 60 милиони евра за реализација на проектот.

Пречистителната станица за отпадни води во Скопје треба да се гради во близина на селото Трубарево и е поделена за реализација во две фази. Првата етапа предвидува до 2030 година да се обезбеди пред-третман и биолошки третман на отпадните води, додека најдоцна до 2045 година од отпадните води што завршуваат во Вардар ќе се отстранува азотот и фосфорот. Целокупниот капацитет ќе се простира на површина од 13 хектари.

Министерството за животна средина и просторно планирање, Градот Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ веќе аплицираа за добивање на средства од ЕИБ и ЕБОР. Градските власти соработуваат со француската компанија „ЕЖИС“ во подготовките за реализација на проектот преку обезбедените средства од француската влада во рамките на Меморандумот на разбирање за студијата за финансирање, изградба и работа на централната станица за отпадни води.