Градоначалникот Петре Шилегов, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, претседателот на Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори, Горан Петрушев и директорката на Специјалниот завод Демир Капија, Александра Велковска, денеска присуствуваа на отворањето на групен дом во Скопје, во кој се сместени деинституционализирани лица од Специјалниот завод Демир Капија.
Градот Скопје се вклучува во поддршката на лицата со најтежок облик на интелектуална попреченост или комбинирани пречки кои се дел од овој групен дом и преку соработката со Сојузот на дефектолози обезбедува 24 часовна нега од негуватели.
“Упатувам благодарност до Министерството за труд и социјална политика зашто го внесовме нашето општество во еден сосема поинаков циклус – деинституционализација на лицата со потешка интелектуална и физичка попреченост. За Градот Скопје кој учествува во овој проект е предизвик повеќе, затоа што секој човек има право на топол дом и домашна атмосфера. Суштината е овие лица да ги донесеме во локалната заедница од каде што потекнуваат, со цел заедно со специјализираните едукатори да ја почувствуваат таа топлина зашто тоа се стандардите кон кои тежнееме. Нам секој човек ни е важен, секој човек има право на нормални услови за живот и за развој. Токму ваквите дневни центри се начинот на кој што институционализирањето на овие лица како еден целосно застарен систем конечно ќе го снема од нашата држава и заедно со граѓанските асоцијации, заедно со специјализираните лица за кои помагаме да се стекнат со потребните квалификации да овозможиме сосема поинаква грижа и социјална заштита. Чекор по чекор ги решаваме проблемите кои со години беа напластени” – рече денеска градоначалникот Шилегов.
Групниот дом за лицата со потешка интелектуална и физичка попреченост е сместен во центарот на градот, во близина на Католичката црква.