Претседателот на Собранието, Талат Џафери упати честитка до членовите на еврејската заедница во Република Северна Македонија, по повод 9. октомври, еврејскиот празник Јом Кипур.
“Би сакал од свое лично име, и од името на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија искрено да ви го честитам 9.oктомври, еврејскиот празник – Јом Кипур.
На овој ден, кој е празник на проштевањето, упатувам искрени честитки со добри мисли и убави желби за здравје, благосостојба, семеен мир и радости. Но најмногу од сѐ, Ви посакувам длабоко во себе да го чувствувате мирот и спокојството кои ги носи проштевањето со себе. Човечкото битие не е совршено и понекогаш греши, меѓутоа човечката големина се гледа во проштевањето и ширењето на позитивните вредности како љубов, меѓусебно разбирање, почит и толеранција.
Како претседател на Собранието на Република Северна Македонија, сакам да искажам почит кон еврејската заедница, која заедно со сите други заедници, значително придонесува во општествениот живот и развој на државата и во оваа убава празнична прилика, искажувам искрени желби за стабилна, напредна држава, дом на сите граѓани во кој е најважен добриот и квалитетен живот за сите.
Драги сограѓани, дозволете уште еднаш да речам – Честит празник и за многу години!” – честиташе Џафери.