Зоран Верушевски, поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање и актуелен советник за безбедност на премиерот Зоран Заев, одговорајќи на прашањата на обвинителството поврзани со нелегалното прислушување во Управата за безбедност и контраразузнавање, денеска рече дека Никола Груевски треба да биде првообвинет во овој случај.
Според Верушевски, Груевски поседувал и поседува голем број бомби и ги користел за да обезбеди повластен статус.
Сашо Мијалков и другите обвинети во „Таргет – Тврдина“ изјавија дека немаат вкрстени прашања кон Верушевски.
Прашан од обвинителката Ленче Ристовска кога, каде и како Верушевски добил информациите за „бомбите“, тој рече дека со првите документирани докази се сретнал во 2010 година.
– Во 2010 во СДСМ имаше документи и сознанија за ограничениот демократски капацитет на власта и постоење на проект за контрола на комуникациите, посебно насочени кон опозицијата ваквите информации доаѓаа од побеќе извори и јас имав прилика да ја видам таа документација. Во разговор со изворите се потврдија сомневањата за грубото нарушување на слободата на говорот во земјава. Тоа беше иницирачкиот момент да се насочам кон таа материја. Документацијата беше во дигитален запис, онака како што му беше предадена на СЈО – рече Верушевски.