Обраќање на претседателот Пендаровски по повод 11. октомври, Денот на народното востание:
Почитувани граѓани,
Секоja генерација носи одлуки кои ја одредуваат судбината на народот и иднината на државата. Споредувајќи ги и вреднувајќи ги историските епохи, нашата антифашистичка генерација сигурно се издвојува според маркантноста на своето дело.
Во 1941 година, кога поголемиот дел од Европа и ние овде бевме окупирани од фашизмот,храбрите борци на партизанските одреди во Прилеп и Куманово ги нападнаа симболите на непријателите на слободата.
Водени од вербата во правда, еднаквост и човечност, партизаните успеаја да го обединат и поведат народот во антифашистичка, народноослободителна борба. Во движењето на отпорот се вклучија граѓани од секоја етничка, верска и социјална категорија.
Неколкуте партизански одреди прераснаа во баталјони, бригади, дивизии и корпуси на стоилјадната македонска војска. Останувајќи дел од големата антихитлеровска коалиција до крајот, македонските граѓани ја избраа страната на прогресивниот дел од човештвото.
Благодарение на внатрешното единство на народот и цврстата надворешна врска со клучните земји во антифашистичкиот сојуз, таа славна генерација успеа да се избори за македонската слобода и државност.
Ние сме вечни должници на таа генерација учесници во големото народно востание. Затоа е нужно да бидеме свесни за нашата одговорност во чувањето на државата и слободата извојувана пред многу години.
Тоа е возможно само ако го следиме нивниот пример и ја преземеме нашата генерациска одговорност.
Преку граѓанско помирување и солидарност да постигнеме внатрешно единство ако сакаме да ја реализираме нашата заедничка цел – трансформација на Северна Македонија во напредна и просперитетна држава – членка на НАТО и на Европската Унија.
Со единство за најважните работи, да градиме држава во која младите ќе ја гледаат својата иднина. Со такво единство да создаваме праведно, слободно и здраво општество во кое мора да има место за секого. Здруженоста на различните и солидарноста меѓу нас се клучот на секој успех, услов за постигнување на секоја благородна и праведна цел, а таква имаме пред нас!
Нека ни е честит Денот на народното востание!