Утре на 21 октомври, со почеток во 10 часот во читалницата „Славко Јаневски“ во центарот на Скопје, ќе биде одржана Тркалезна маса под наслов „Зoшто ‘Улица’ на Славко Јаневски е повест, а не роман?“
На тркалезната маса учество ќе земат професори, книжевни критичари, писатели, поети: Славе Ѓорго Димоски, Весна Мојсова Чепишевска, Лорета Георгиевска – Јаковлева, Ѓоко Здравески, Трајче Кацаров, Мими Блажевска, Татјана Б. Ефтимоска.
Организацијата е на Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ и издавачката куќа „Просветно дело“. Модератор е директорот на Фондацијата, Ѕвездан Георгиевски.
Одржувањето на тркалезната маса е најава за одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Славко Јаневски (11 јануари 1920) и 70. годишнината од објавувањето на „Улица“, во 2020 година.
Презентираните материјали заедно со текстот на „Улица“ (1950) ќе бидат објавени во списанието „Архив ЈАНЕВСКИ“.