Претседателот на Собранието Талат Џафери во Европскиот парламент во Стразбур, оствари средба со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, како и потпретседателката Клара Добрев.
На средбата, претседателот Џафери изрази благодарност до Европскиот парламент за континуираната силна поддршка на процесот на проширување на Европската унија и поддршката на европратениците за Северна Македонија безусловно да ги започне преговорите за членство во ЕУ. Тој понатаму нагласи дека, нашите очекувања беа дека по позитивните заклучоци на Советот на ЕУ во 2018 и 2019 година, ќе добиеме признание за остварените реформи и за преземените сериозни политички одлуки за исполнување на препораките на ЕУ.
Претседателот Џафери нагласи дека разбирливо, разочарувањето од одлуката на Европскиот совет да го одложи одредувањето на датум за почеток на преговорите со Република Северна Македонија е големо. Џафери истакна дека, за нас е прифатливо унапредувањето на методологијата за пристапните преговори, но не се прифатливи какви било евентуални алтернативи на процесот на приклучување, односно, ставање на земјата во категоријата на соседството на ЕУ. Истакнувајќи дека Берлинскиот процес е комплементарен на евроинтеграцискиот процес преку кој земјите од Западен Балкан можат да постигнат забрзан реформски напредок, ја повтори посветеноста кон процесот во интерес на поскора интеграција кон Европската Унија.
Претседателот Сасоли истакна дека е направена грешка со недоделувањето на датум за почеток на преговорите, но дека поддршката која доаѓа од големо мнозинство на пратеници од Европскиот парламент ќе продолжи и во иднина. Во таа насока беше спомната најавената посета на претседателот Сасоли на почетокот на ноември.
Потпретседателката Добрев истакна дека во идниот период се планира поинтензивна соработка со Собранието на Република Северна Македонија со цел да се врати довербата на граѓаните во европската иднина на земјата, која поради разочарувањето од одлуката на Европскиот совет, можно е сега да се чини подалечна.