Жбогар: Пописот е одложен поради предвремените парламентарни избори и тоа е логично

Сподели

 

Независен и непристрасен статистички систем, без влијание од политика е значаен за секое општество, порача денеска евроамбасадорот Самуел Жбогар на одбележување на Денот на европската статистика во Народната банка.

Според него Пописот на населението ќе содржи податоци кои ќе помогнат во креирањето на добри политики во образованието, здравството, управувањето со отпад.

„Пописот е одложен поради предвремените парламентарни избори и тоа е логично.Техничките подготовки се одвиваат во најдобар ред, се надевам на политичка волја за операцонализација. Нема пречки за донесување на Законот во Собрание“ порача Жбогар кој се надева дека тој ќе биде завршен во 2021 година кога и најголемиот дел од европските земји треба да го спроведат.

Евроамбасадорот рече дека реформите кои се потребни и во статистиката не се само заради ЕУ туку, заради општо добро на државата.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски рече дека статистичките податоци не се само обични бројки туку средства за креирање на политики. Тој додаде дека поголема е потребата на податоци на микро ниво, а се менуваат и глобалните трендови на собирање податоци, извори и се користат нови методологии.

Гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежовска рече дека финансиската криза и промените во централните банки влијаеле врз промена во систематизацијата на статистичките податоци.