На денешната средба на претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, со постојаниот координатор на ООН во Република Северна Македонија, г-ѓа Росана Дуџак, беа разменети повеќе информации и идеи околу тоа како да се продлабочи соработката меѓу органите и телата на ООН и Собранието на Република Северна Македонија.
Претседателот Џафери го потенцираше фактот дека нашето членство во ООН од 1993 година па до денес, се темели на почитување на основните принципи и постулати на Повелбата на ООН. Исто така, тој истакна дека нашата комуникација со органите на ООН во континуитет се зајакнува со активен ангажман и придонес во сите специјализирани агенции, програми и фондови од системот на ООН. Во таа насока претседателот Џафери ја искажа својата благодарност за придонесот на агенциите на ООН како што се: UNDP, UNICEF, UNFPA, UN Women и останатите со кои имаме воспоставено тесна соработка кон целите на подобрување на вработувањето, социјалната инклузија, развојот на животната средина и родовата еднаквост.
Во рамките на оваа соработка, во Собранието на Република Северна Македонија функционира Комисијата за еднакви можности на мажите и жените кои заедно со Парламентарниот институт и UN Women работат на темите за родово одговорно буџетирање, истакна претседателот Џафери.
Тој, исто така, потенцираше дека во однос на почитувањето на човековите права, Северна Македонија е и ќе биде доследна во нивното почитување, како земја со нагласена eвропска ориентација определена за мир и стабилност и земја која тежнее кон членство во ЕУ.
Гoспоѓа Росана Дуџак, постојаната координаторка на ООН за Република Северна Македонија, се заблагодари за можноста да се сретне со претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, за да разговараат за меѓусебната соработката во претстојниот период.
Таа посвети поголемо внимание на Агендата 2030 на ООН за одржлив развој, како и за стратегијата за соработка во рамките на оваа агенда со институции на Република Северна Македонија за периодот 2021 – 2025 година, како два важни стратешки документа на ООН. Во рамките на оваа соработка со институции на Република Северна Македонија, г-ѓа Дуџак наведе 17 значајни области на соработка кои треба да се интензивираат во претстојниот период и кои се значајни за ООН.
На крајот од средбата, двајцата соговорници се согласија дека агенциите на ООН ќе продолжат интензивно да соработуваат со работните тела и комисиите на Собранието на Република Северна Македонија.