“По раширените информации по социјалните мрежи дека една од причините за аерозагадувањето е увоз, складирање и горење на опасен отпад во Македонија, зелената партија ДОМ јавно бара одговор од надлежните институции. Тоа се:
Министерството за животна средина со Управата за животна средина, Инспекторатите за животна средина, Министерството за економија, „Дрисла“, и Царинската управа.
Како граѓани, мора да знаеме дали се увезува опасен отпад и дали тој останува во земјата, за да се складира на единствената официјална санитарна депонија „Дрисла“ или на некоја од многуте диви депонии, дали се гори и каде, дали се употребува како гориво за некои од фабриките со А или Б-интегрирана дозвола, или за погони што работат со елаборати?
Бараме споменатите институции да извршат внатрешна контрола на својата документација и работење во оваа смисла и да дадат јавен одговор. Како граѓани, бараме да биде заштитен јавниот интерес и да се преземат итни мерки, било во измена на закони и подзаконски акти, било во санкционирање на евентуалните прекршители на постојната регулатива” – се наведува во барањето на ДОМ .