Заев-Сасоли: Процесот на проширување ќе претрпи промени и РС Македонија мора да се подготви за построг надзор

Сподели

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска го прими во посета Претседателот на Европскиот парламент Давид-Мариа Сасоли, кој во нашата земја е на покана на Претседателот на Собранието Талат Џафери.

 

 

Претседателот на Европскиот Парламент Сасоли, и членовите на неговиот кабинет имаа билатерална средба со премиерот Заев и со членовите на делегацијата на Владата на Северна Македонија на која беа заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија и Претседателот на Европскиот парламент Давид-Мариа Сасоли, потоа одржаа заедничка прес-конференција, од која ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:

Денеска во нашата земја, на покана на претседателот на нашето Собрание, господин Талат Џафери, му посакавме добредојде на нашиот драг пријател, силен поддржувач на Република Северна Македонија, Претседателот на Европскиот Парламент Давид-Мариа Сасоли.

За тоа колку е голема неговата, и поддршката на Европскиот Парламент за нашата земја, говори фактот дека Северна Македонија е првата земја што ја посетува новоизбраниот Претседател на европскиот дом на демократијата.

Оваа посета е одлична прилика да ја изразиме нашата благодарност до Европскиот Парламент, до сите европратеници кои гласаа за резолуцијата со која ги повикаа членките на ЕУ да започнат преговори со Македонија и до Албанија, откако таквата одлука не беше донесена на октомвриската сесија на Европскиот Совет и на Самитот на лидерите на земјите членки на ЕУ.

Речиси сите европски лидери се согласија дека на 18-ти Октомври на Северна Македонија ѝ беше нанесена неправда и дека неодобрувањето на преговори со ЕУ е историска грешка. Тоа испрати погрешен сигнал на сите нас во земјата и во регионот.

Северна Македонија активираше огромна политичка енергија за да ја врати земјата на патот на ЕУ. Решивме непремостливи предизвици кои на сите им се чинеа како невозможна мисија. Успеавме зашто имавме силна мотивација – Европската перспектива за нашата земја и за нашите граѓани.

Сите имавме оправдани очекувања дека конечно дојде моментот да се сврти нова страница. Сите верувавме дека ќе ги започнеме преговорите кои во себе имаат силна трансформативна моќ и кои низ процесот ќе помогнат да ги постигнеме европските стандарди за да станеме полноправна членка на ЕУ.

Наместо тоа, недавањето согласност да започнат преговорите по поглавја ги врати на агендата прашањата на евроскептиците и дилемите дали ЕУ навистина останува на своите политики за проширување и дали има алтернатива.

Не е лесно да се продолжи без структуриран и систематски притисок што ќе го донесеа пристапните преговори – НО, НИЕ ВЕЛИМЕ НЕМА АЛТЕРНАТИВА. 

Мораме да продолжиме, дури и посилно со реформите, со докази дека во земјата владее правото, дека имама силни аргументи за напредокот во економијата. Тие реформи ни се најпотребни заради нас, дома.

Соочени сме со нови предизвици:

– Ќе докажеме дека сите постигнати резултати досега се одржливи и неповратни;

– Ќе докажеме дека нема отстапување од нашите стратешки насоки кон ЕУ и НАТО;

– Ќе се соочиме со очекуваната критика и притисокот на анти-ЕУ и ретроградните сили – и ќе ги совладаме.

– Имаме доволно внатрешна сила за понатамошни реформи, за борба против корупцијата и за владеењето на правото.

Тоа ќе бидат нашите резултати и нашите аргументи дека нашето место е во ЕУ. Ние веруваме во вредностите на ЕУ и убедени сме дека новата шанса за нашата земја ќе биде отворена наскоро. 

Европскиот Парламент и резолуцијата за Северна Македонија и Албанија се поттик дека ќе продолжи притисокот да се врати одлуката што не е донесена и дека претстојните дискусии во ЕУ ќе завршат со обновен консензус за проширување.

Имаме аргументи за да се прифати дека „методологија пред проширување“ може да се трансформира во „проширување заедно со промена на методологијата“. Подготвени сме заедно со државите членки на ЕУ, особено Франција, но и со европските институции да работиме на развивање на концепт кој ќе ги задоволи интересите на сите и ќе донесе нов квалитет на односите меѓу ЕУ и Западен Балкан. 

Јасно е дека процесот на проширување ќе претрпи промени и дека Северна Македонија мора да се подготви за построг надзор. 

НО, ние на тоа гледаме како предност за нашата трансформација. Колку порано го прифатиме тоа, толку подобро за нас и нашето општество.

Подготвени сме за тоа и сакаме да учествуваме во тоа. Но, цврсто веруваме дека перспективата за членство во ЕУ е незаменлива и не треба да биде доведувана во прашање, доколку навистина сакаме стабилен, безбеден и просперитетен Западен Балкан.

Имаме верба. Имаме оптимизам. Уверен сум дека наскоро ќе се отворат новите можности со помош на нашите пријатели од цела ЕУ. 

Таков голем пријател е и нашиот денешен гостин, претседателот Сасоли на кого уште еднаш му изразувам голема благодарност за помошта и поддршката.