“Западен Балкан останува проба на издржливост за трајниот успех на мирот на европскиот модел. Нема да ја подобриме Европа со прекршување на нашиот збор”, вели германскиот државен министер за Европа и заменик министер за надворешни работи, Михаел Рот во својата колумна објавена во германскиот весник „Ди Велт“.
„Да, мораме да ја реформираме Европската Унија (ЕУ)! Но, задоцнетото продлабочување на ЕУ не е спротивно на нејзиното проширување. Поголема ЕУ, која истовремено е поспособна за делување, посуверена и подемократска, може да создаде повеќе сигурност за нејзините граѓани. Затоа и претседателот на ЕУ-Комисијата во заминување Јункер е потполно во право: „историска грешка“ е што шефовите на државите и на владите на ЕУ на 18 октомври одбија да дадат зелено светло за предвиденото започнување на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија. Неуспехот е поради потребната едногласност“, пишува Рот.
Германскиот државен министер за Европа вели дека приоритетна цел на ЕУ мора да биде да се направи сѐ на Западен Балкан за мир, помирување и демократија. Во спротивно, вели тој, ќе им го препушти регионот на Русија, Кина или Турција.
„Бидејќи регионот не е „заден двор“ на европската куќа. Тој е „внатрешниот“ двор! Стабилизација и поврзувањето на регионот е во непосреден европски и германски интерес. Ако ЕУ му сврти грб на Западен Балкан, таа полето го препушта на други актери како Русија, Кина или Турција. И нивниот примарен интерес сигурно не е засилување на демократијата и владеење на правото. Позитивната одлука би го испратила потребниот сигнал: ЕУ е сериозна во нејзината одговорност за цела Европа и пристапната перспектива за Западен Балкан. И би оддала признание дека Албанија и Северна Македонија дале одличен резултат и консеквентно ги спровеле реформите. Во двете земји, граѓаните и владите секогаш одново докажуваа дека се подготвени да направат болни компромиси за да се приближат до ЕУ“, вели Рот.
Тој појаснува дека одложувањето на давањето датум за Северна Македонија и Албанија во неколку наврати го урива кредибилитетот на ЕУ и го распламтува национализмот.
„Повеќекратното одложување многу ѝ штети на веродостојноста на ЕУ. Во регионот тоа ги засилува оние сили, кои немаат интерес за реформи и напредок. Претседателот на Владата на Северна Македонија Заев веќе го најави своето повлекување како и нови избори во април. Се заканува враќање на национализмот и појавување на старите рани и етнички конфликти.
Тоа што започнувањето на пристапните преговори на ЕУ со Албанија и Северна Македонија неодамна доживеа неуспех поради отпорот на поединци, е горчлив пораз. Но, сега би било погрешно, да замижеме пред реалноста. Напролет, 2020 година, темата треба повторно да се најде на агендата на шефовите на државите и на владите на ЕУ. Тогаш мора дефинитивно да дадеме до знаење дека се држиме до пристапната перспектива. Понатамошни одолговлекувања би биле неодговорни“, вели германскиот државен министер за Европа и заменик-министер за надворешни работи.