САД донираше најсовремена материјално-техничка опрема за нашата полиција

Сподели

 

Денеска во Центарот за обука во Идризово од страна на амбасадорката на САД во Република Северна Македонија г-ѓа Кејт Мери Брнз, официјално на заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу му беше предадена на користење донација во најсовремена материјално-техничка опрема, вредна околу 226.000 долари, наменета за повеќе организациони единици на министерството.

 

 

На примо – предавањето на донацијата му претходеше парафирање на Договор за донација меѓу министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претставникот на Програмата за борба против тероризмот на Бирото за дипломатска безбедност на американскиот Стејт департмент, г-динот Хит Вард.

 

 

Како што истакна заменик министерот Нухиу, оваа денешна донација е уште еден доказ за силното и континуирано партнерство што нашата држава го има со Соединетите Американски Држави. „Американската влада, само преку АТА – Програмата за борба против тероризмот, од 1996 година, па наваму ни обезбеди обуки на околу 600 припадници на нашата полиција и со различни форми на помош и поддршка, инвестирала над 9,5 милиони долари во професионалното осовременување и надградба на полициските служби при МВР. Тој, и тоа како респектабилен податок укажува не само на цврстината на поддршката што ја имаме, туку и на решеноста заеднички да продолжиме на патот на квалитетно и ефикасно реформирање на нашиот безбедносен сектор“, потенцираше заменик министерот Нухиу.

 

 

Оваа донација е наменета за потребите на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, потоа Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, Центарот за обука, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, како и Секторот за откривање и демонтирање на експлозивни средства и направи и претставува значаен придонес во зајакнувањето и унапредувањето на капацитетите на полицијата во справувањето со криминалот, посебно во делот од борбата против глобалното зло – тероризмот.