На Скопје му фалат 8.000 паркинг места, а „Градски паркинг“ нема пари за нови гаражи

Сподели

На Скопје во моментов му недостигаат околу 8.000 паркинг места за да го реши проблемот со паркирањето на возилата, но ЈП „Градски паркинг“ нема доволно финансии за да инвестира во изградба на монтажни или катни гаражи со кои би се надминал ваквиот недостиг.

– ЈП „Градски паркинг“ – Скопје со моменталниот ценовник на услуги не обезбедува доволно финансиски средства за да инвестира во капитални објекти – информираат за „Мета.мк“ од ова јавно претпријатие.

Од претпријатието велат дека цените на услугите на претпријатието не се променети 10 години, додека една третина од нивниот вкупен промет отпаѓа на плаќањето комунална такса и ДДВ. Од ова претпријатие сметаат дека во иднина ќе мора да се зголемат цените на услугите за паркирање, што би довело до дестимулирање на возачите да користат автомобили во моменти кога не им се најпотребни.

Според Годишниот извештај за работењето на ЈП „Градски паркинг“ во 2018 година, бројот на издадени бесплатни дозволи за паркирање на станарите бил поголем од вкупната бројка на паркинг места со која управувало ова претпријатие. Трендот на пораст на ваквите дозволи растел од месец во месец, за во декември 2018 да ја достигне бројката од 8.852 бесплатни дозволи. Од друга страна, лани претпријатието имало ставено на располагање 8.324 паркинг места низ градот.

Од ЈП „Градски паркинг“ велат дека годинава во Општина Аеродром отвориле нови зони за паркирање со приближно 1.000 паркинг места, а претпријатието работело и на реализација на нови проекти во Општина Карпош, каде што со зонското паркирање би се вовеле околу 1.000 паркинг места со кои тие би управувале. Во делот на Општина Центар, ова претпријатие во блиска иднина до Советот на град Скопје ќе достави предлог за покачување на цените на нивните услуги за 50 отсто во одредени зони.

Покрај зголемувањето на цената на услугите на ЈП „Градски паркинг“, втора мерка што би можела да ги дестимулира возачите од користење автомобили е користењето алтернативни превозни средства. Сепак, бројките за користење на јавниот превоз покажуваат поинакви трендови. Во првите девет месеци од годинава со јавен превоз биле превезени 530.000 патници помалку од лани, додека намалувањето на интересот за користење јавен превоз во Скопје трае веќе шест години наназад.