До Град Скопје упатена е онлајн-петиција со која се бара регулирање на бучавата која доаѓа од џамиите околу амфитеатрите на Природно-математичкиот факултет и кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
“Секој ден иста приказна: во амфитеатрите на ПМФ е неподносливо гласно и мора да се затворат прозорците за да стане донекаде подносливо. Кампусот филозофски-филолошки-правен-економски го има истиот проблем. Без разлика на верската припадност и степенот на (не)религиозност на студентите, повиците за молитва преку звучници можат да се означат како вид на звучно загадување, коешто им штети и на студентите и на професорите.
Верската слобода не би требало да го нарушува образовниот процес; точно дека станува збор само за неколку минути од денот, но истото се случува секој ден. Понекогаш повеќе од една џамија ги вклучува звучниците во исто време, создавајќи бучна какофонија што целосно ја нарушува концентрацијата на еден човек. Професорите продолжуваат со предавање и покрај тоа, што ги отежнува обидите да се следат предавањата и да се разбере материјалот.
Предлог решение е локалните џамии да ги вклучуваат звучниците само во периодите од денот кога најверојатно има паузи на факултетите, на пример 12-12:15 часот, и слично. Најмногу смисла има џамиите да се прилагодат на факултетите, а не обратно. Џамиите што ќе се утврди дека се доволно оддалечени и слабо се слушаат во просториите на факултетите, не би морало да го следат дадениот предлог” – пишува во петицијата Еди Фрчовски.