Денеска во Берлин, Сојузна Република Германија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со неговиот домаќин, германскиот сојузен министер за внатрешни работи г-динот Хорст Зихофер го потпишаа билатералниот, меѓувладин, Договор за соработка во областа на борбата против криминалот, со кој што се поставуваат фундаменталните принципи за натамошно продлабочување на меѓусебната соработка во сите сфери од безбедноста.
Министерот Спасовски на средбата со министерот Зихофер, на која беше потпишан и Договорот за соработка, истакна дека овој документ е од особена важност не само за Република Северна Македонија, туку и за стабилноста на целиот регион на Западен Балкан.
„Особено ја цениме поддршката што Сојузното министерство за внатрешни работи, градежништво и заедница на Сојузна Република Германија ја дава на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија“, рече на средбата министерот Спасовски. Целта на овој договор е понатамошно развивање и продлабочување на билатералните односи помеѓу двете држави, во поглед на заедничките предизвици во борбата против меѓународниот криминал, меѓународниот тероризам, како и координирање на заедничките активности во справувањето со илегалната миграција.
Овој договор ќе овозможи побрза размена на информации помеѓу институциите за спроведување на законот, во однос на лица вклучени во криминални дела, како и организирани групи на сторители и врските помеѓу нив, со цел спречување на постоечка суштинска закана за јавната безбедност. Договорот ќе овозможи взаемна поддршка при потерници за лица или за украдени и изгубени предмети, при спроведување на координирани полициски активности за одбивање на опасности по јавниот ред и безбедност, во борбата против нелегалната миграција, соработката во областа на заштита на сведоци, а од особено значење ќе биде и размената на искуства во областите на форензиката, превенцијата од криминал, како и во областа на применетите методи, средства и техники на криминалистиката.
Министерот Спасовски, во име на министерството и во свое име, се заблагодари на германските колеги и за новата донација во возила и опрема, вредна речиси 1,1 милион евра, регулирана со веќе потпишаниот договор за донација меѓу двете министерства, а која што наскоро треба да биде предадена за употреба на граничната полиција.