Седмото издание на Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки “Сонот на облачето” ќе се одржи од 25 до 27 ноември во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје.
Како единствен фестивал од овој тип во поширокиот регион, фестивалот „Сонот на облачето” успешно придонесува кон интернационална и локална афирмација на театарот на сенки, а воедно е и една од ретките манифестации кај нас што во континуитет прикажува претстави од странска продукција пред детската публика.
Организатор на фестивалот е Театар „Сенки и облаци“ од Скопје, кој со поддршка од Министерството за култура, Градот Скопје и МКЦ ќе ѝ овозможи на најмладата публика да ужива во несекојдневните спектакли со сенки.