Битолската полиција прави ненајавени посети да види дали Талески си седи дома

Сподели

photo_verybig_30619

Битолската полиција неколкупати досега го проверила градоначалникот Владимир Талески дали е дома откако вчера, во 12 часот, и формално го спроведе решението на Кривичниот суд за куќен притвор.

Портапаролот на битолското МВР, Сања Стаматова, вели дека полицијата го нашла Талески дома, во станот на улицата Бонде Скерлевски, во Битола, и уредно му го доставила решението.

– Оттогаш досега полицијата ненадејно го посетува станот на Талески за да види дали тој е дома и дали го почитува судското решение. Засега нема проблеми – вели Стаматова.

Во Битола и понатаму не стивнуваат реакциите на опозицијата, која бара оставка од Талески. Денеска либерал-демократите предочија дека битолскиот градоначалник е единствениот политичар кој во „бомбите“ се поврзуваше со направен криминал и нема поднесено оставка, а сите други го направија тоа.

– Последните неколку дена слушаме и гледаме како советниците од ВМРО-ДПМНЕ маки мачат да го одбранат Владимир Талески од обвинението за криминал тежок 360.000 евра. Битолчани ги прашуваат овие советници дали го бранат Талески за стадионот што го изгради, дали го бранат за Офицерскиот дом што го реновира или, можеби, за фонтаната пред музејот што ја урива или го бранат за незнајно потрошени 250 милиони евра, пари на битолчани – рече Александар Касапов, советник од ЛДП.

Според Касапов, доколку Талески не поднесе оставка, советниците од ЛДП на првата наредна седница ќе побараат Советот да изгласа препорака со која на Талески ќе му се препорача да си поднесе оставка, со што Советот како орган на Општината ќе се огради од обвинението за криминал тежок 360.000 евра.

Битолската полиција прави ненајавени посети да види дали Талески си седи дома