Заев: Честитки по повод големиот христијански празник “Св. Климент Охридски”

Сподели

 

Премиерот Зоран Заев имаше свое обраќање на духовната академија во чест на празникот Свети Климент Охридски, патрон на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

 

 

“Во мое лично име и во името на Владата на Република Северна Македонија, на сите православни верници, и на Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, упатувам честитки по повод големиот христијански празник – Св. Климент Охридски. Празникот посветен на Свети Климент Охридски, основоположник на македонската духовност и патрон на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Свети Климент Охридски, во чија чест ја принесуваме оваа духовна академија, бил еден од најблиските и најревносните соработници и соучесници во мисијата на светите браќа Кирил и Методиј во Моравија за описменување на народите со словенски происход.

Како нивен ученик и следбеник, ги прифатил сите страдања на кои бил подложен зашто верувал во доброто што го правел и останал доследен на обврската што ја чувствувал кон мисијата на светите браќа Кирил и Методиј: Да го продолжи делото на неговите учители, преку продлабочување и унапредување на духовната и просветната дејност.

 

 

Свети Климент Охридски применувал богослужба и создавал словенски свештенички кадар, затоа што бил свесен за важноста на духовната поткрепа на луѓето, кои ја наоѓале во Црквата, и дека таа духовна поткрепа треба да ја добиваат со црковна служба на својот мајчин јазик.

Христовата црква, со востоличувањето на катедрата на Охридската Архиепископија, не беше нова црква. Таа е светла точка од историјата на континуитет на христијанството на овие простори со корени уште од апостолско време.

Христијанството на просторите на географска Македонија, прв го донесе, го прошири и го проповедаше Светиот апостол Павле, за што сведочат и Делата Апостолски. На тие негови патувања бил придружуван и од други апостоли, кои подоцна и самите, независно од Светиот апостол Павле, ќе проповедаат и ќе ја шират црквата Божја на овие простори.

Низ историјата на Христијанството се запишани бројни сведоштва за долгиот развој на црковното организирање, со богат духовен живот на бројните митрополии и епископии. За тој период, низ целата територија на денешна Република Северна Македонија, говорат голем број ранохристијански базилики и црковни храмови.

Во историската низа на организираниот црковен живот, се вградени значајни датуми, настани и личности: Од Јустинијан Први и Автокефалната Архиепископија Јустинијана Прима, до светите браќа Кирил и Методиј, кои заедно со своите ученици Свети Климент Охридски и Свети Наум Охридски, го ширеле апостолското мисионерско дело на Светиот Апостол Павле со мисијата за сесловенско просветлување.

Директен резултат на просветителската дејност меѓу словенските народи на Светите браќа Кирил и Методиј, а подоцна и на светите отци охридски Климент и Наум, е никулецот од кој потоа израснуваат и првите словенски епископи на Светата Охридска Архиепископија.

Свети Климент, како голем човек и силна личност, е жив паметник на нашата историјата и како основач на Охридската школа, позната и како „прв балкански и европски универзитет“.

Записите велат дека низ Свети Климентовата Охридска школа минале околу 3.500 ученици. Тоа е импозантен број за тогашните времиња, а секако, импозантен е и за денешните времиња.

Тоа сведочи и за исклучителните организациски, но и обединувачки способности на светиот учител од Охрид во духот на христијанското заедништво. Луѓето имале желба за духовна храна и поткрепа, за наука.

Без никакво сомнение, огромен удел во привлекувањето и прифаќањето на учениците, но и нивното задржување, зголемување, па и понатамошно ангажирање во духовната црковна и во просветителската дејност, има и Свети Климент Охридски.

Со Свети Климент Охридски се поврзани почетоците на писменоста македонска и затоа по него денес се именувани универзитети, факултети, училишта.

 

 

Денес, Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми, никој повеќе не го оспорува тоа.

Тоа е остварено постојано имајќи го предвид и големото дело на Свети Климент, како и делата на сите останати црковни и духовни големци во редот на нашата историја, вградени во создавањето и афирмацијата на идентитетот на македонскиот народ.

Ја комплетиравме нашата лична карта во ОН. Покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои: македонски јазик, и за државјанство: македонско/граѓанин на Република Северна Македонија.

По влезот во Европската Унија, македонскиот јазик ќе стане официјален јазик на Унијата. Како 25-ти работен јазик на кој ќе се зборува во Брисел, тој ќе биде „рамо до рамо“ со јазиците кои се говорат во нашето соседство, бугарскиот, хрватскиот и грчкиот. Тоа го гарантира Повелбата на ЕУ и Договорот за ЕУ.

Конечното признание за посебноста на македонскиот јазик и на неговото кирилско писмо, во Унијата, која беспрекорно ја почитува јазичната разноликост, е последниот и најцврст бедем за заштита на македонскиот идентитет. Освен тоа, тој ќе стане составен дел и од европскиот идентитет, во заедницата од 500 милиони луѓе, основана под мотото „Обединети во разновидноста”.

Почитувањето на јазичната разновидност е темелна вредност на ЕУ. Повелбата за основните права на ЕУ забранува дискриминација врз основа на јазикот и ја обврзува Унијата да ја почитува јазичната разновидност.

Сите европратеници можат да го користат официјалниот јазик на својата држава. Тоа значи дека секоја одлука, од денот кога Северна Македонија ќе стане членка на Унијата ќе биде преведена на македонски јазик, а секој избран претставник од земјата во Европскиот Парламент, ќе може да зборува на македонскиот јазик.

Како што зборував и јас пред европратениците во Стразбур на 13 септември минатата година.

Со оваа духовна академија, му оддаваме голема почест на Свети Климент Охридски за неговото големо духовно – просветителско дело со кое нѐ задолжи сите и ни покажа како “на дело“ се станува и духовник и просветител.

Јас сакам да порачам денеска дека секој може да биде своевиден Свети Климент Охридски почитувани граѓани и почитувани присутни.

Духовноста, просветлението, просветителството се дадени на секој од нас, а со нивното практикување стануваме подобри луѓе, во подобар свет, солидарен свет, образуван свет. Така градиме сегашност и иднина за секој човек, за секој граѓанин, за секој од нас.

Предизвици имало и ќе има. Како што успеал Свети Климент Охридски во мисијата на неговото време, повикани сме да се обединиме и да успееме и ние. Да ги надминуваме предизвиците трпеливо и мудро, како што ни доликува како народ и како држава.

Во таа насока сум убеден и дека Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија ќе се ангажира уште поактивно во надминување на предизвиците исправени пред неа и дека наскоро ќе биде прифатена како реалност во православниот свет.

Нека ни е честит големиот празник во чест на Свети Климент Охридски. Сите да сме здрави, спокојни и паметни, и да не крепи делото на Свети Климент Охридски кога ги градиме духовните вредности, како темелни вредности на генерации кои ќе градат толерантно и демократско општество за сите во нашата убава држава”. – изјави премиерот Заев.