Чифте амам: Изложба „Свадбен пат“ на Кристина Пулејкова

Сподели

 

Изложба „Свадбен пат“ на Кристина Пулејкова, Чифте амам, четврток, 19.12.2019 во 19.00 часот

„Свадбен Пат“ е мултимедијален проект на Кристина Пулејкова кој се состои од видео проекции на водени екрани, холограми и 360 VR (виртуелна реалност) видео.

Пулејкова е македонска уметничка, базирана во Лондон, чија интер-дисциплинарна пракса во уметноста е надополнета со наука и технологија. Уметничките дела на Пулејкова имаат за цел да истражат како користењето на технологијата може да добие своја оправданост во одржувањето на релацијата човек-природа. Работејќи со подвижни слики, звук и инсталации цели кон создавање на субјективни наративи, базирани на научни податоци и принципи.

Делото „Свадбен пат“ е базирано на уникатната миграција на критично загрозената Европска јагула. Следејќи го животот на две јагули кои доаѓаат од различни позадини (едната живее во Охридското Езеро во Македонија, додека другата во реката Темза во Лондон, Обединетото Кралство) делото ќе се обиде да исцрта паралели помеѓу човечките искуства и оние на јагулата во поглед на миграција и само-остварувањето.

Базирано на научни опити, се претпоставува дека сите Европски јагули се мрестат во Саргаското море, во западниот Атлантик. Без разлика на нивното место на живеење, кога ќе постигнат сексуална зрелост, јагулите добиваат сребренеста боја на кожата и тргаат на своето последно, ризично патување до таа една локација, водени од својот инстинкт. Сепак, сеуште не постои научен доказ за тоа каде точно се мрестат јагулите, ниту пак како овој акт всушност изгледа. Науката може да понуди само шпекулации во поглед на овој мистериозен настан.

Авторката миграцијата на јагулата во Саргаското море ја користи како аналогија за човечкиот стремеж кон само-остварување, потрагата по тоа утописко место и состојба на битисување.

Како простор за реализација на проектот авторката го одбира Чифте Амамот првенствено зошто водените екрани би се поврзале со историјата на просторот како поранешна турска бања. Исто така, дуалитетот на бањата, поделена на машка и женска се поврзува со нејзиното истражување на двете култури, иако крајната цел на делото е да ја покаже универзалноста на животинските наспроти човечките судбини.

Куратор:
Ана Франговска, виш кустос

Соработници:
Кореограф: Џорџиа Тегоу
Директор на фотографија/кинематограф: Шивани Хасард
Музика и саунд дизајн: Анди Коутон

Изложбата трае до 10.01.2020