Кинотека на Македонија: Омаж на Неда Арнериќ

Сподели

 

Кинотека на Македонија, ОМАЖ НА НЕДА АРНЕРИЌ, 14 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 18:00 Ч.

ВРЕМЕ БЕЗ ВОЈНА, Игран филм, Македонија, 1969, 80 мин., црно-бел. 35 мм

Режија: Бранко Ивановски Гапо

Сценарио: Симон Дракул

Улоги: Ацо Јовановски, Дарко Дамевски, Кирил Ќортошев, Неда Арнериќ, Шишман Ангеловски, Слободан Димитриевиќ

***

Фидан е млад човек кој живее и работи во градот. Неговиот татко Дичо, селанец и борец во војната и во револуцијата, по војната ја застапува идејата за колективизација и индустријализација на селото. Искрено верувајќи и работејќи на тоа, Дичо се судрува со повеќето од селаните, но најжестоко се конфронтира со својот добар пријател, соборец и побратим Лазар. По пропаѓањето на задругарството, Дичо заминува од селото. По неговата смрт Фидан, исполнувајќи ја татковата желба, го погребува во родното село.

Престојувајќи таму, Фидан се обидува да се пронајде себеси во новата средина, во новиот ангажман со сточарството, кој за него значи голем предизвик, како и во контактите со нови лица. Тука доживува и нова љубов со девојката Благуна, ќерка на Лазар, која наскоро станува негова жена. Иако изложен на недовербата на соселаните, Фидан со сиот елан се занимава со одгледувањето на овците. Но, законите на пазарот се немилосрдни и во тие услови не е можна реализација на неговата замисла. Враќањето на Фидан на татковото огниште не му го донесува бараниот мир ниту, пак, нова содржина во животот.

Награди: 1969 ФЈИФ, Пула, Специјална диплома за режија на Бранко Гапо 1969 ФФ, Ниш, Награда за млад артист за Неда Арнериќ 1969 13 Ноемвриска награда за Бранко Гапо за режија на филмот „Време без војна“ 1972 МФФ, Авелино, Сребрен медал „Тарга д’Аргенто“.

 

ОМАЖ НА НЕДА АРНЕРИЌ, 14 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 20:00 Ч.

ИСТРЕЛ, Игран филм, Македонија, 1972, 98 мин., колор, 35 мм

Режија: Бранко Ивановски Гапо

Сценарио: Димитар Солев

Улоги: Емил Рубен, Мајда Тушар, Неда Арнериќ, Петар Арсовски, Питомир Деспотовски, Ристо Шишков, Слободан Димитриевиќ, Владимир Светиев

***

Младоста, чија храброст секогаш е без предрасуди, и во Скопје за време на бугарската фашистичка окупација во Втората светска војна, сакајќи ја слободата за својот народ, се решава на низа акции, меѓу кои најголема е – атентатот врз полицискиот началник Емануел Мане Мачков. По пристигнувањето на Емануел во началството, тој на своите агенти им наредува да обрнат големо внимание на младите од Дебар маало, Пајко маало и Чаир. Во меѓувреме, заради безбедно поминување на партизанскиот одред во близината на Скопје, во градот треба да се организираат низа помали акции кои би го свртеле вниманието на полицијата врз себе. Така другарите Дано, Доне, Игор и Боро преземаат акција на аеродромот, при што ги палат авионите. Како реакција, полицијата врши рација, собира само млади луѓе кои се изложени на големи мачења.

Истовремено, партизанскиот одред при преминувањето на Вардар упаѓа во заседа. Момчињата му помагаат на ранетиот Мите Димов да ја избегне заседата и го пренесуваат кај Анѓа, додека Никола е отсутен. Полицијата ги претресува сите сомнителни куќи и го наоѓа ранетиот партизан во куќата на Никола. По тешки измачувања, без да признае пред полицијата, Мите е убиен. Поради убиството на Мите во градот се растураат летоци, железничарите свират со сирените, се затвораат дуќаните. Месниот комитет решава да се организира атентат врз Емануел. На денот на атентатот момчињата ги заземаат своите места на улицата, пред куќата на Емануел, и по заминувањето на неговиот автомобил, тие го убиваат. По атентатот момчињата мораат да заминат од градот. Меѓутоа, при излегувањето од градот, поставена им е заседа…

Награди: 1972 ФЈИФ, Пула, Златна арена за снимателска работа на Мишо Самоиловски 1972 ФФ, Ниш, Голема повелба за актерско остварувања на Слободан Димитриевиќ.

ОМАЖ НА НЕДА АРНЕРИЌ,15 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 18:00 Ч.

ТАТКО (КОЛНАТИ СМЕ, ИРИНА), Игран филм, Македонија, 1973, 84 мин., црно-бел, 35 мм

Режија: Коле Ангеловски

Сценарио: Коле Ангеловски

Улоги: Велимир – Бата Живоиновиќ, Мето Јовановски, Неда Арнериќ, Ненад Милосављевиќ

***

Тукушто оженетиот Дамјан, единствениот син на воденичарот Витан, заминува во војска. Младата жена останува во куќата на свекорот. Упатени еден на друг, тие заеднички го носат бремето на работата во воденицата и околу имотот. Во долгите и монотони вечери младата Ирина го посакува враќањето на Дамјан. Честите наминувања на Мечето, селскиот клисар и трговец, ја вознемируваат Ирина. Таа не го поднесува поради невкусните шеги кои алудираат на нејзината младост, убавина, а сепак самотија. Додека Витан собира дрва во планината, Ирина пере на потокот. Водата ја мами и таа се бања. Од грмушките ја гледаат селските момчиња. Ја гледа и Витан обземен од нејзината убавина. Слушајќи ги гласовите на момчињата и самиот фатен во грев, бесен и на нив и на себе, ги гони, гонејќи се и себеси.

Но, и двајцата, оптоварени со грешноста на желбата која подеднакво ја чувствуваат, наоѓаат сили да ѝ се спротивстават. Не можејќи да ја контролира љубомората, Витан не само што не им допушта на селаните да носат жито за мелење во воденицата, туку и на случајните минувачи им се заканува со истрели. Една ноќ, кога Витан по изминатиот ден во планината каде што беснее сечејќи дрвја се враќа во куќата, паѓаат сите табуи, страста станува посилна од сите забрани… Доаѓа и денот на Дамјановото враќање. Тој во планината ги наоѓа татка си и својата жена кои во љубовен занес не го забележуваат неговото пристигнување. Сведок на целиот настан е и Мечето. Тој доаѓа во воденицата и го известува Витан дека Дамјан се крие во планината. Најпосле, гонет од љубомора и под бремето на неверојатниот грев, Витан се однесува како подивен ѕвер. Своето право на маж го покажува силувајќи ја Ирина. Таа му се одмаздува, убивајќи го…

Награди: 1973 ФЈИФ, Пула, Златна арена за копмпозиторот Томислав Зографски 1973 ФЈИФ, Пула, Диплома за тонска обработка и монтажа на Глигор Паковски 1973 ФЈИФ, Пула, Наградата „Кокан Ракоњац“ за најпоетичен филм на режисер дебитант

ИСПРАВИ СЕ, ДЕЛФИНА, 15 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 20:00 Ч., Игран филм, Македонија, 1977, 101 мин., колор, 35 мм

Режија: Александар Ѓурчинов

Сценарио: Александар Ѓурчинов

Улоги: Дарко Дамевски, Диме Илиев, Неда Арнериќ, Слободан Димитриевиќ, Столе Аранѓеловиќ

***

Приказна за девојката Делфина, која е решена да ги совлада сите оние тешкотии и разочарувања што ги носи со себе животот и да истрае во совладувањето на водите од каналот Ла Манш. Делфина се подготвува да го преплива каналот. Меѓу случајните минувачи е и Рене, инвалид во количка, кој го препливал каналот и сите пливачи ги испраќа на нивниот долг пат. Во бродот што ја придружува, покрај судиите, се нејзиниот тренер Атанас и пријателот Петко. Тоа се единствените луѓе што вистински ја сакаат Делфина и кои настојуваат да ѝ помогнат во остварувањето на подвигот. Додека плива во разбранетото и студено море, Делфина се сеќава на изминатиот живот: како се запознава со Младен, тренерот на републичката репрезентација во пливање, за првите интимни контакти со него, за наставата во угостителското училиште и за членувањето во локалниот пливачки клуб. Кога еден ден добива стипендија за школување во ДИФ, Делфина не се двоуми и заминува за Скопје, зашто очекува од животот многу повеќе, и е решена ништо да не ја спречи во намерата да го осмисли својот живот и да го најде вистинскиот пат. Сите напори, сите достигнувања, сите падови и омаловажувања, Делфина ги надминува стоички. Препливувањето на Ла Манш ќе значи единствена можност Делфина да ја врати самодовербата, желбата за нормално живеење и самопочитта. Делфина ја води последната битка, со крајни напори се исправа на своите нозе и го постигнува невозможното…

Награди: 1977 ФЈИФ, Пула, Бронзена арена за режија на Александар Ѓурчинов 1977 ФЈИФ, Пула, Награда за режијата од магазинот „Зум репортер“ на Александар Ѓурчинов 1977 ФЈИФ, Пула, Сребрена арена за главна женска улога за Неда Арнериќ 1977 ФФ, Врњачка бања, Специјална награда „Златник“ за актерот Слободан Димитриевиќ 1977 ФФ, Врњачка бања, Трета награда за сценарио на Александар Ѓурчинов 1977 ФФ, Ниш, Награда „Царица Теодора“ за најдобра женска улога на Неда Арнериќ 1978 МФФ, Париз, ЦИДАЛЦ